Уапсениот другар на Тодоров вработен во здравство, и во 2001 бил условно осуден за поседување дрога

0
1308

Информацијата дека полицијата на Водно открила плантажа со марихуана која била на лице вработено во Министерството за здравство, помина без објавување и вообичаени помпи кога се работи за ваков случај и од МВР но и од провладините медиуми кои ревносно објавуваат вакви акции на полицијата.

todorov_za_stavrik1-540x354

Веста дури деновиве ја откри порталот Центарњус и предизвика внимание во јавноста. Либертас завчера побара и доби одговор од портпаролката на МВР дека имало таков случај и дека лице со иницијали А.К. било уапсено и тоа било објавено во службениот билтен на 4 јули годинава. Портпаролката на МВР не сакаше да открива дали лицето е советник на министерот за здравство Никола Тодоров со одговор дека тоа не е нивна работа и мора да провериме во кабинетот на министерот.

Либертас денеска стапи во контакт со портпаролот на Министерството за здравство за да прашаме дали ова лице е вработено кај нив и дали е советник на министерот и добивме одговор.

– Лицето за кое прашувате не  е советник на министерот Тодоров, туку е ангажиран како администратор на проект за здравствена заштита на југоисточна Европа. Тоа е се што можеме да кажеме – ни изјави портпаролката на министерството.

Либертас од извори во министерството дознава дека приведениот од почетокот на јули не дошол на работа, и најпрвин мислеле дека е на одмор, а подоцна се расчуло дека е приведен, но бидејќи се работело за близок другар на Тодоров, за случајот гласно никој не зборувал.

Блиски на министерот и на приведениот тврдат за Либертас дека двајцата се соседи и другари од детство и дека Тодоров го вработил во Министерството за здравство кога станал прв човек на овој ресор.

Од извори во истрагата дознаваме дека плантажата со марихуана на Водно била откриена на 28 јуни кога е даден и налог за приведување на другарот – колега на министерот. При приведувањето, како што дознаваме, тој им реагирал на службените лица дека нема шанси да биде притворен и се бранел дека е другар на Тодоров.

Другарот на Тодоров кого тој го вработил во министерството и во 2001 бил фатен со 800 грама дрога марихуана и за тоа бил условно осуден.

Плантажата на Водно како што велат од МВР веднаш по апсењето била уништена а во домот на приведениот Кацарски била пронајдена марихуана со нето маса од 9.72 грама, спакувана во една полиетиленска кеса. Тој бил фатен како ги полева 25-те расади марихуана.