„ТРИБУНА“ ПОВИКУВА: ДА НЕ ДОЗВОЛИМЕ ЕДЕН ЧЕСЕН И ВРЕДЕН ЧОВЕК ДА ОСТАНЕ НА УЛИЦА

0
1962

Чичко Предраг е пензионер на 66 години и од извесно време нема кров над својата глава. Болен е, но вели дека нема потреба од туѓа нега и социјална помош. Се сретнав со него во паркот „Жена борец“ и поразговаравме за неговите проблеми. Тој е еден добар и скромен човек. Додека разговаравме неколку пати ми повтори дека не сака да добива никаква помош од државата, туку сака само да му дозволат да се врати и да ги доизживее своите последни денови во социјалниот стан што го добил во далечната 2002 година. Чичко Предраг ме замоли преку нашиот медиум да се обрати и до премиерот Заев и да го замоли за кратка средба, за да му ја раскаже во кратки црти својата животна голгота. Еве што уште ми раскажа чичко Предраг, додека седевме на една клупа во паркот „Жена борец“:

„Во 2002 година добив стан за да живеам со моите деца на улица „Владимир Комаров бр. 18 стан 21“. Кога влегов во станот тој беше празен, беше демолиран. Го реновирав станот, немаше ни болјер. Во 2003 година, Владо Поповски ги поништи одлуките за становите, тогаш се пожалив пред комисијата за стамбени прашања ама не добив одговор. Киријата си ја плаќав редовно и во 2007 година се обратив до премиерот Никола Груевски но не добив никаков одговор. Во 2010 година се обратив до министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Во 2015 година последно што се сеќавам се обратив до ПУИГ со молба да го откупам станот и да останам да си живеам во него, но и од ПУИГ не добив никаков одговор. Толку години седев во станот и ниту една Влада не ме избрка, оваа нова Влада дојде и го направи тоа. Оваа Влада ме избрка од станот без објаснување за овој нивни потег.
Според законот за домување после 10-тата година, добиваш станарско право, а јас во овој стан живеев 17-18 години. Сакам да се обратам до премиерот Зоран Заев да разговарам со него за да му ги кажам грешките што ги прават тие околу него и што му го уништуваат авторитетот. Таа што се всели во станот тврди дека позади неа стои јак човек, а јас знам дека нема појак човек од премиерот Заев. Јас живеам чесно и немам од што да се плашам. Ќерка ми е со високо образование и во моментов живее во Германија, син ми исто така се ожени. Тие си имаат свои семејства и за жал не можат да ми помогнат. Не ги обвинувам и не сакам да им сметам во фамилијарниот живот.Јас сакам само еден спокоен живот додека сум жив да ме остават во станот. Не сакам ништо друго. Ми нудеа социјална помош и туѓа нега но тоа мене не ми е потребно бидејќи ми се доволни парите од пензијата. Не пијам, не трошам пари во казина, пушам цигари од нервоза. Сакам надлежните институции да проверат дали сум јас криминалец, ако сум направил некаков криминал нека слободно го објават тоа јас не се кријам. Потекнувам од чесна и вредна фамилија. Татко ми е дојден од Егејска Македонија, почина пред 10 години. Во 2007 година прв пат појде да се види со сестра му. Долги години работев во ПУИГ, речиси без одмор, чесно и вредно и се трудев да ги следам советите на таткоми, да бидам чесен и отворен човек.
Станот до сега сум го реновирал 4 пати. Известувањето за напуштање на станот ми го испратија на 29. 6 2018 година. Во тој период јас бев во болница. На 24-ти наредниот месец (7-ми) го најдов известувањето долу на прагот пред вратата“- ми раскажа со солзи на очите возрасниот човек.

Порталот „Трибуна“ го повикува премиерот Зоран Заев да најде 5 минути од својот натоварен график и да го прими овој чесен и скромен обичен човек, кој барем според неговите зборови е жртва на системот. Ги повикуваме исто така и надлежните институции да обрнат внимание на овој проблем.

Ги замолуваме сите граѓани што можат да му помогнат на г-нот Предраг Попов да нè контактираат на следниот тел број: 078444909

Ги потсетуваме сите надлежни институции дека спиењето на клупа во летните месеци, може и да не е толку страшно, но летото во Македонија не трае целогодишно. Нека не го ризикуваме животот на чичко Предраг, кој има доволно дијагнози, со опцијата зимата да ја помине под отворено небо.

Извор : ТрибунаМК