Третиот столб – судство

0
1109

Пред отпочнувањето на процесот на демаскирање на криминалниот режим и неговата суштина, доволно беше централната статегија која се покажа како успешна да се примени на локално ниво и на таков начин од корен да се поткопа криминалниот систем.  И додека едните почнаа тоа да го реализираат по принципот „Рибата смрди од главата“ и успешно се потрудија да ја отстранат од државните констелации, ние локалните најмалку што можевме и се’ уште можеме да направиме е да го поткопаме нивниот режим. Од корен.

Во суштина, сите се уверивме дека начинот на функционирање на локалните власти е копија на функционалноста на врхушката на власт. Организациски, стратегиски и практично.  Затоа, она што следи зависи од НАС, и доколку сега дадеме свој придонес кон промена на режимот, тоа сигурно ќе предизвика низа процеси кои сами по себе ќе доведат до промени во сите сегменти: од функционирањето на судовите, јавното обвинителство, локалната самоуправа, јавните служби и бизнис секторот, за да на крај се рефлектира и врз граѓанскиот сектор.

Поднесените кривични пријави против локални функционери и носители на јавни функции, кои режимот проба да ги претстави како обид за неосновано рушење нечиј кредибилитет, не беа ништо друго освен начин да се провери виталноста на нивната системска заштита, која во позадина го штитела начинот на криминалното функционирање.  Затоа процесот на иницирање на такви постапки не беше ништо друго, туку првата фаза од разбивање на митот на недопирливост на локалните шерифи. Кои, всушност, не се ништо друго ами алатка за реализација на генералните политики на врвот на власта. Низ овој процес успешно се разбуди граѓанскиот сектор кој низ призмата „Силата на народот“, успеа да покаже непоколебливост во борбата против отпорот на власта по секоја цена да си ја спаси сопствената кожа од одговорноста која следи.

Се разбира дека континуитетот на првата фаза не можеше и не смееше кај „широките народни маси“да предизвика апатија кон актуелните случувања. За таа цел беше неминовно да се продолжи со демаскирање на заштитниот механизам кој на оваа власт и’ стои на располагање, а тоа се судството и јавното обвинителство. Иницираните постапки против функционери пред Јавното обвинителство беа засновани на аргументирани, цврсти и непобитни факти за сторен криминал од страна на носителите на јавни функции од актуелната власт.  Наспроти функцијата која Јавното обвинителство ја има и долгогодишното влијание на власта врз него, со примена на заштитен механизам од страна на власта на површина излегоа и конкретни имиња од јавнообвинителската фела кои отворено се ставија во одбрана на криминалната власт. Преку неаргументираното отфрлање на кривичните пријави и обидот да се заштитат себеси од одговорност, се обидоа на подносителите да им го скратат правото да им ги образложат причините и аргументите зошто го прават тоа. Во намерата да ги спасат своите наредбодавачи, тие покажа дека немаат основ да ги заштитат и за сметка на тоа ги ставија на коцка сопствените позиции…

Ако се знае дека ниту една криминална власт не успеала до крај да го метастазира државниот апарат, тогаш неспорен е и начинот на кој корумпираните јавно-обвинителски службеници и судиите ќе извршат самоубиство во својата професија.  Едноставноста на тој процес произлегува од последните случувања со реизборот на Петар Аневски за претседател на Советот на јавни обвинители на Република Македонија, што е спротивно на  чл. 8 ст. 3 од Законот за Советот на јавните обвинители, според кој мандатот на претседателот на Советот трае две години, без право на повторен избор. Оневозможувањето Аневски по секоја цена да ја води оваа институција ќе придонесе јавно-обвинителската работа на носителите на јавни функции да биде предмет на анализа, пред се’ од аспект на утврдување на одговорност за нестручното и несовесно постапување на јавните обвинители.  На таков начин ќе се создаде единствена можност во една постапка да се обелодени криминалот на носителите на јавни функции, во пакет со нивниот заштитен механизам – Обвинителството.

Последната фаза од воспоставување на правичен правосуден систем е практично и најлесната од сите претходни. Под напливот на сите тие предмети кои го обелоденуваат криминалното работење на претходно именуваните, судството ќе биде доведено до состојба на свршен чин и таму на површина ќе излезат „сваровски“ судиите кои овој пат или ќе апстинираат од постапување по довчерашните партнери, или ќе си го најдат своето место во некој друг сегмент од правосудниот систем. Или пак, едноставно, ќе го фатат курсот од студентските денови кога студирале право и ќе се потрудат да воспостават правичност.

Затоа, драги пријатели, добро е да знаете дека сите ние имаме своја улога во овој процес. Почнувајќи од оние кои се охрабриле јавно да побараат одговорност за личната неправда која им ја нанел овој систем, па се’ до оние кои се одважиле да застанат пред окупираните институции и храбро да манифестираат отпор против ваквата криминална власт.

Ништо не е вечно, како што не е вечна ниту можноста да обезбедиме сигурна иднина за сопствените поколенија.

Крајно време е да се избориме за својата иднина!

Пишува: адвокат Жарко Стеваноски