ТРЕНЧЕВСКА ЗА ТВ 24 : РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ Е БОРБА ЗА СИТЕ НАС, ТАА НЕ ПРИЗНАВА ПОЛИТИЧКА ПРИПАДНОСТ

0
402

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска гостуваше во емисијата Студио 10, на Телевизија 24, каде што  ги пренесе клучните пораки за родовата еднаквост во општеството, работата на институциите и соработката со граѓанските организации на ова важно прашање.

Денеска за првпат во историјата во Собранието се одржува пленарна седница посветена на успесите и неуспесите во делот на родовата еднаквост во последните 20 години. Ќе се одбележи и 20-годишнината од основањето на Клубот на парламентарките. Таа посочи дека, пратеничките се оние кои се изборија да се одржи ваква седница на која ќе се зборува за положбата на жените во државата, за тоа каде бевме и каде сме и каде сакаме да бидеме, за повеќе права. Родовата еднаквост е борба за сите нас, таа не признава политичка припадност,“  истакна министерката Тренчевска во Студио 10 на ТВ 24.

Тренчевска зборуваше и за бројот на жени застапени во Владата, Собранието, локалната власт. „Имаме 51 жена од 120 пратеници или 42% што е над европскиот просек. Но, не можеме да се пофалиме со успех на застапеноста на жените во извршната власт – има само 5 министерки и две заменички. Во локалната самоуправа во советите имаме добри резултати, но разочарувачки е бројот на градоначалнички – само две од 81 општина, вели Тренчевска.

Таа појаснува дека ова е резултат на квотата за правична застапеност на жените, или афирмативна акција. Тренчевска посочи  дека се покажа дека квотата е нужна затоа што кај нас се уште нема свест за родова еднаквост.

„Апсолутно треба да се стремиме жени да бидат на највисоките функции вклучително и за првпат да имаме жена претседателка на државата,“ порача Тренчевска.