ТРЕНЧЕВСКА ЗА ТВ СИТЕЛ : ПРОЦЕСОТ НА КОЛЕКТИВНО ДОГОВАРАЊЕ И ЗА УСОГЛАСУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ СО СОНК И СО ОСТАНАТИТЕ СИНДИКАТИ ЌЕ ПОЧНЕ

0
603

Заедно со претставниците на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и со останатите синдикати ќе седнеме на маса и ќе го отвориме процесот на колективно договарање и усогласувањето на останатите плати, рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, во интервју на телевизија Сител. Таа посочи дека Владата веќе се изјаснила, дека апсолутно е подготвена да го отвори прашањето за донесување на нов општ колективен договор за јавниот сектор, со кој ќе се уреди и правото на регрес за К15 и правото на усогласување на платите со минималната плата.

„Нема решение за овие теми само за еден ден. Тие преговори траат и ние сме подготвени да ги започнеме. Затоа треба трпение и од страната на Синдикатот, бидејќи ние како Влада покажавме посветеност во решавањето на прашањата за унапредување на правата на работниците и на правата од работниот однос“, рече Тренчевска.

Со неодамна постигнатиот договор меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, минималната плата се зголеми за околу 3.000 денари. Од 2017 година има континуирано раст на минималната плата. Во 2017/2018 година се зголеми на 12,000 ден, во 2019 година на 12,507 ден, во 2020 на 14,500 денари и во 2021 на 15,194 ден. Сега со новиот Закон за минимална плата таа изнесува 18,000 денари, за разлика од 2016 година, кога минималната плата беше во висина од 10.080 денари.