ТРЕНЧЕВСКА : ЕДНАКВИТЕ МОЖНОСТИ СЕ НАШ ПРИОРИТЕТ, ПРОДОЛЖУВАМЕ ДА ЧЕКОРИМЕ ПО ПАТОТ НА ЕДНАКВОСТА

0
295

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се обрати на свечениот дел на генералното собрание на Националната федерација на фармери. На настанот се обратија и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанствоЉупчо Николовски, директорката на We Effect Europe, Анели Леина како и директорка на We Effect за меѓународна соработка, Линда Хамерберг.

„Иницијативата за изнаоѓање на решението со надоместок за мајчинство ја покрена Националната федерација на фармери, додека ние како Министерството за труд и социјална политика бевме вклучени од самиот почеток во креирање на решение за овој предизвик. Тука со нас рамо до рамо работеше и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, голема благодарност и до Шведската организација со канцеларија во Скопје WE effect  кој беа покрај нас во целиот процес и несебично ја даваат нивната поддршка“ рече Тренчевска во своето обраќање.

Таа истакна дека со програмата за обезбедување на социјална сигурност за жените кои вршат земјоделска дејност, ќе можат да остварат право на користење на надоместок за мајчинство. За да го остварат ова право потребно е да имаат статус на осигуреник индивидуален земјоделец.

„Ова е пилот решение, затоа продолжуваме да креираме политики, да креираме решенија кои ќе бидат системски. За да можеме да потврдиме дека навистина сме направиле исчекор кон унапредување на правата на жените во нашата држава“ посочи Министерката.

Тренчевска се осврна и на градинките во руралните средини таа рече дека покрај што целта на отворањето на градинките е вклучување на што поголем број на деца во предучилишното образование, нивното отворање придонесува и кон економско јакнење и личен развој на жените во руралните средини.

На крајот од поздравните обраќања на министерката Тренчевска и на министерот Николовски им беа доделени благодарници за досегашната соработка со Националната федерација на фармери.