Траорно сведоштво на човек кој ја избегна несреќата : „Господ не сакаше да бидам таму“

0
1222

“Господ не сакаше да бидам таму”, со солзи во очите вели инженерот Пајазит Шеапи вработен во Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ), кој секој ден од работа се враќа  со автобусот на “Дурмо турс”, кој ја имаше страшната сообраќајна несреќа кај Карпалак , во која загинаа 14 лица, пишува „Вечер“

Тој, кобниот ден, службено со колеги од РКЕ бил на увид во Тетово, кај субјекти за одобрување на лиценца.

– Во Тетово бевме да направиме увид на резервоари за нафта за да може да одобриме лиценца. Работата ја завршивме порано и јас не го дочекав автобусот, порано заминав дома, а не со автобусот кој секој ден ме враќа од Скопје во Гостивар. Господ не сакаше да бидам таму – со многу горчина и солзи кажа за ВЕЧЕР, Шеапи.

Тој кажа дека во автобусот имало многу негови пријатели, меѓу кои и најдобриот, момче на 33-годишна возраст (Р.А), кое работело во Дирекцијата за образование на возрасни лица во Скопје.

– Секој ден со него се враќавме заедно и си правевме муабет. Тој пред само пет месеци доби син и беше многу среќен, ама ете судбината беше сурова со него и не му дозволи да гледа како расте неговото потомство и да му се радува- со липање кажа Шеапи и дополни дека не може да се помири со фактот дека неговиот пријател не е меѓу живите.