Теута Арифи: Македонија е заложник на евтини тргувачи со популизам

0
1263

Обидот албанскиот народ во Македонија да се претстави како надворешен фактор на државна агресија, е концептуално наивен, но краткорочно опасен акт на безумие, вели  за Дојче веле потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи.

Денеска започнува уште една епизода од собраниската конститутивна „сапуница“ во која мнозинството и натаму е далеку од можноста за избор на претседател на парламентот, но и без други декларирани опции за излез од таа состојба. Со потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи, разговаравме за блокадата на Собранието, како и за одредени сомнежи во јавноста дека ДУИ можеби игра двојна игра: една со новото мнозинство, друга – со стариот коалициски партнер. Арифи енергично ги отфрла и таквите сомневања и сите конспиративно-пропагандни теории околу Декларацијата на албанските партии.

ДВ: Минатата недела ДУИ почна консултации за излез од кризата, но ги прекина и нема информации дали внатре во партијата или со партнерите имате изградено стратегија за надминување на блокадата во парламентот. Се добива впечаток како да се помиривте со намерата на ВМРО-ДПМНЕ да го држи мнозинството далеку од можноста за избор на спикер.

ДУИ е партија која низ времето и низ нејзиното повеќегодишно политичко дејствување ја има потенцирано и докажано нејзината евроатлантска определба. Нашите чекори биле и секогаш ќе бидат континуитет на една јасна и несомнено интегрирачка улога за градење на едно политички и економско стабилно општество. Македонија во моментот е заложник на една нереална и навидум демократски некоректна тенденција од одредена група на луѓе во физичка форма на политичари и евтини тргувачи со популизмот, кои нивните внатрешни проблеми и стравови се трудат да ги претстават како „патриотска битка“ за зачувување на државата од еден виртуален непријател. Во политичката историја и литература тоа е веќе конзумирана и повеќе пати исчитана теза, карактеристична за одредени тоталитарни политички елити, кои се загубени во нивната себична потреба за власт, која никогаш не била рамна на нивниот интелектуален капацитет. ДУИ во моментот е во постојан контакт за изнаоѓање мирна и демократска форма на десјтвување, со која ќе се овозможи мирно и функционално предавање на власта, без какви било последици врз стабилноста и демократскиот поредок на земјата. Нашето заедничко политичко дејствување со новото парламентарно мнозинство подразбира што поскоро формирање на реформска влада, порака која повеќе пати ни беше јасно кажана од нашите партнери ЕУ и САД. Секоја различна форма на толкување на нашите досегашни заложби како партија, ја сметам како превртување на тези, кои ги хранат малите политички воајери, во нивниот јасен недостиг на политичка визија и зрелост.

ДВ: Во јавноста тлеат сомнежи дека Декларацијата е добро осмислен „подарок“ од Ахмети за Груевски, од обострана корист: ДУИ преку потписите за поддршка на СДСМ да ги намали штетите од коалицирањето со ВМРО-ДПМНЕ, а на Груевски да му отвори можност за трето полувреме во „одбрана на државата“, со цел да изнуди нови избори. Кои се аргументите што може да ги демантираат ваквите сомневања?

Таквото толкување го сметам за политички незрело и тенденциозно, а кое длабоко сум убедена дека произлегува од демократскиот капацитет и транспарентност што ние како партија го поседуваме, што подразбира донесување на важни одлуки низ еден транспарентен процес на дебата и соочување со фактите. Ние како партија различноста во убедувањата и погледите ја сметаме како демократска вредност, врз која дејствуваме и ги темелиме нашите политики. Во политичкиот моментум во кој се наоѓаме како држава, длабоко сум убедена дека треба да нѐ води прагмата, а не конспиративноста. Паралели кои не содејствуваат со тоа што е политичка реалност основана врз факти, се штетни врз демократското редефинирање кое ни следи, а кое е повеќе од потребено. Декларацијата на албанските партии претставува документ на взаемна согласност, донесен и напишан во Македонија од страна на албанските партии во земјата, чија цел не е исклучување и репресија врз различните, туку трактат на разбирање со кој денес различните ќе бидат исти и горди меѓу еднаквите. Македонија е мултиетничко општество, и тоа е реалност која ако биде потценета, ќе не турне во колективна агонија, каде бледо би се излажале себеси дека патот што веќе го изодевме последните две децении, е пат врз кој пак би сакале да чекориме.

ДВ: Додека од Брисел се множат напори и пораки за деблокада на парламентот, ДУИ (случајно или не, во истовреме со ВМРО-ДПМНЕ) е посветена на одредување кандидати за општинските совети и за градоначалници? Каква порака испраќате со тоа во момент на тешка институционална блокада?

Да се вратам на веќе кажаното, ДУИ секој процес на внатрепартиска дебата го прави транспарентно и јавно. Токму таа отвореност кон тие што ни го даваат легитимитетот за нашето политичко дејствување, повеќе пати досега нѐ прави „лесен плен“ за политички конспирации, кои ние свесно сме подготвени да ги соочиме и со плаќање на одредена поличка цена. Имајќи го предвид фактот дека ДУИ е голема и добро организирана политичка структура која ги следи и делува врз статутарните норми на донесување одлуки основани над широк консензус, започнатиот процес за определување кандидати за градоначалници и членови на општински совети го сметам за нормална и добронамерна активност, која има за цел да нуди решенија за процеси кои ни следат, а се многу важни за државата. Неподготвеноста на политичките партии да се вклучат во еден мирен, демократски и предходно добро планиран изборен процес на локално ниво, верувам дека ќе се искористи како политички момент, кој би им дал материја на дејстување на одредени политичари кои единствено во безредието и анархијата го препознавват нивниот политички опстанок. Длабоко сум убедена дека секој процес во поглед на изнаоѓање демократски решенија произлезени од широка дебата – е добредојден и добронамерен. Одредувањето на кандидати за градоначалници и членови на општинските совети, во никој случај не треба да биде интерпретиран како политичко дефокусирање на ДУИ од актуелната политичка ситуација. Нудењето на решенија е секогаш добредојдено, иако навидум, на прв, наивен поглед тие не се дел од проблемот. Брисел, САД и нашите меѓународни пријатели се, и секогаш биле јасен патоказ на нашето политичко дејствување. Тие претставуваат универзален сет на демократски и општествени вредности и убедувања во кои веруваме и врз кои делуваме.

ДВ: Ахмети, но и други функционери од ДУИ, повеќе пати повторуваат дека нема криза меѓу Македонците и Албанците, туку меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. По 9 години коалицирање со ДПМНЕ, може ли ДУИ на ваков „итарпејовски“ начин да се дистанцира од нејзиниот удел во заедничките коалициски политики?

Ценам дека проблемот со актуелната политичка ситуација во Македонија лежи во примитивната интерпетација и практичното спроведување на демократијата во речиси сите сфери на социјалниот и економски живот. Сигурно дека го делам убедувањето дека проблемот во нашата земја никако не е, и не може да се претстави како меѓуетнички, иако во последно време во континуитет се промовира оваа идеја, која им служи на тие за кои промената подразбира крај. Мислам дека тезата која ја наведувате, а која беше јавно искажана од г-дин Ахмети, дека чинители на актуелниот конфликт се ВМРО и СДСМ никако не треба да се толкува како форма на интраетнички конфликт, туку конфликт меѓу политички убедувања, идеи, демократски вредности и дијаметрално различни форми на владеење и третман врз општото добро. ДУИ како партија беше свесна дека низ овој процес нема да пројде неказнета. Цената која ја плативме беше значителен негативен биланс на гласови на доверба од народот. Таа можеби не беше реална, но дојде од народот и ние ја примивме, не како порака за сопствен спас, туку како императив на еден нова политичка реалност која подразбира промени. Свесни, но убедени во важноста на правната држава како единствена форма на целокупниот општествен прогрес, се поставивме не само декларативно туку и активно во одбрана и поддршка на СЈО, а исто така започнавме и внатрепартиски процес на утврдување на можна злоупотреба и правна одговорност за секој партиски функционер кој во последните 15 години дејстувал спротивно од законските одредби. Промената нуди различност, а во различноста секогаш наоѓаме креативни форми на дејствување кои процесите ги движат напред.

ДВ: На 16 мај 2015 година во Поградец, Албанија, со албанскиот премиер Еди Рама се сретнаа Али Ахмети, Мендух Тачи, Зијадин Села, Весел Мемеди и Билал Касами. На средбата присуствувале и претседателот на албанскиот парламент Илир Мета и министерот за надворешни работи Дитмир Бушати. Зошто таа средба не предизвика никаква реакција кај вашиот тогашен коалициски партнер Груевски, како што се случува сега за Тиранската средба?

Превртувањето на реалноста, тезите и настојувањето да се прават непријатели таму каде што ги нема, е опасна и краткорочна форма на резистенција, рефлекс на конзумирани политичари, кои инерционо се спасуваат себеси. Обидот албанскиот народ во Македонија да се претстави како надворешен фактор на државна агресија, е концептуално наивен, но краткорочно опасен акт на безумие, кој дијаметрално се коси со веќе утврдениот и законски поставениот мултиетнички карактер на државата. Ни следи време во кое е потребна политичка зрелост, мудрост и посветеност што ќе не врати по патот што некогаш го знаевме, навидум долг, ама едноставно – единствен.