ТЕТКА БИБЕРЧЕ ФРЛА СО ДРВА И КАМЕЊА ПО ИНТЕРВЈУТО НА ЗАЕВ ЗА 1ТВ, ПРЕМИЕРОТ НЕ И СЕ ДОПАЃА

0
1527

Никогаш не сум се сложувала со тезата дека личностите ја определуваат историјата, туку сум го мислела обратно – дека историските околности создаваат (историски) личности. Сепак, така моделираните „лидери“ оставале трага зад себе и вршеле влијание и врз текот на историските настани. Размислував за Груевски и Заев, откако вчера го изгледав предновогодишното интервју на Заев за 1ТВ. (Баш мазохистички од мене, нели?) Интервјуто ме потсети на еден сличен обид пред повеќе години, кога Ана Јовковска се обиде да направи неполитичко, лично интервју со Груевски – да разговара со човекот, а не со политичарот.

Се сеќавам дека видов толкава празнотија, толкав амбис, отсуство на личност која би имала траги на топлина, човечност, емоции, сколности, итн. – што ме фати страв! Ана беше прекрасна: трпелива, ненаместено љубезна, со убави прашања, со настојување соговорникот да го опушти – но тој, цел на штрек, згрчен, уплашен дека зад љубезноста се крие задна намера. Идејата на ова последново интервју со сегашниот премиер беше слична: да се разговара со човекот, да се зборува за неговиот личен живот, а не за политичарот. На прв поглед, оваа новинарка имаше многу полесна задача.

На прв поглед, Заев е отворен и поопуштен пред камери. Но, празнотијата е речиси идентична – „принцип је исти, све су остало нијансе“. Новинарката (со многу послаб и пододворувачки однос кон премиерот од оној на Ана Јовковска) не можеше да го натера да зборува за себе, како личност, бидејќи или личност воопшто нема или таа е одамна поклопена со тајкунот и политичарот. Она што меѓу редови се гледа (ако веќе не е видено и „апла“) е необразованоста, конзервативизмот (кај божемен левичар, нели) и традиционализмот. Она за Арестотел веќе го коментирав, но тука поентата ми е во нешто друго.

ЗЗ е амбициозен човек кој се’ уште живее во семејна задруга, каде принципите на патријархатот се длабоко вкоренети. Тоа што во слободно време бил најсреќен со моторот да оди во природа е само израз на една недозреана личност која така доживува исполнување. Односот кон жените/жената во семејната задруга е типичен за задруга: мажите во една соба договараат за бизнисот, а на жените тука не им е место (нив не ги вознемируваме, си имаат тие други обврски). (Овде дополнувам нешто што пропуштив: улогата на жените во неговата фамилија, како што можевме да видиме е да бидат секси, атрактивни и глупавко тивки).

Многу посуштествено е што – по кој знае кој пат – јавно признава дека иако е премиер се уште е непосредно инволвиран во водењето на фирмите. Ова е човек кој со сета сила сака да се прикаже како обичен, народен (а не богат и моќен), но неговата обичност е што не ја надраснал паланката ни во себе ни околу себе. И пошироката семејна слика покажува на луѓе кои се лажни верници, а вистински снобови. Ова е човек кој не знае ни да дефинира што е тоа што го прави среќен или несреќен – тој не умее да излезе надвор од вообичаените фрази. Во него нема ни дух, ни шарм, ни духовитост, ни длабочина. ПРАЗНОТИЈА И ПЛИТКОСТ, тоа е се’ што ќе најдете во него (можеби и уште нешто, ама за тоа ептен не сум компетентна да ценам). Груевски страдаше од параноја, овој пак мисли дека сите го сакаат – двајцата страдаа(т) од месијански комплекс.

И да завршам, како што почнав – со Груевски. Вчера ми покажаа некое полуинтервју, интервју со посредник, што тој (или за него) го дал за Инфомакс. Човек не знае дали да плаче или да се смее. Бил скромен, се снаоѓал, го препознавале, ни го опишува животот во Унгарија, загрижен е што загаденоста на воздухот тука е многу повисока од чистиот воздух што тој го дише, за жената и децата една полуреченица… Накусо, човек кој страда што не е веќе Месија, што не е во фокусот на вниманието, индиректно покажува колку му недостасува да биде „некој и нешто“. (Тие од Инфомакс не ги коментирам, смешно е – демек, не можеа да направат вистинско интервју по емаил, како што јас давам за странски медиуми 😉 )

Овие двајца се само илустрација на „сјајот и бедата на куртизаните“ во политиката македонска… Ете, јас не верувам дека празни луѓе, луѓе сенки и обеземени со своето его, славољубие и моќ, можат да бидат државници и лидери. А такви сеништа и вождови не’ водат (во амбисот со дупло дно, дно дна – како сакате). Ако е ова врвот на сантата, тогаш може да замислите кој се’ се занимава со политика.

Ете, денес немам колумна поради празникот, па редовната доза си ја „испукав“ на оваа тема 🙂 Сега да се фатам за посериозна работа. Имајте убав ден, ако можете – јас не можам ни да помислам на славење, кога се спремам (психички) за погребот на Македонија.