Теохарис: Грчкиот туризам ќе биде подготвен да прими туристи

0
1009

Грчкиот туризам ќе биде подготвен да прими туристи, изјави министерот за туризам на Грција, Харис Теохарис, одговарајќи на пратеничко прашање во грчкиот Парламент, кој паралелно ги презентираше петте компоненти од планот за иднината на туризмот во земјата по пандемијата со Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина.

Здравствениот аспект, економската поддршка, дипломатската иницијатива, промоцијата на земјата и контактите со туроператорите и меѓународните медиуми се петте компоненти од планот на Министерството за туризам на Грција.

Првата компонента се здравствените протоколи кои што се во подготовка и се однесуваат на начините на работа на хотелите, јахтите, транспортот, туристичките автобуси, авионите и слично.

– Ќе имаме такви услови за да не ги ставиме во опасност ниту здравјето на нашите граѓани, ниту репутацијата на дестинацијата, ниту секако здравјето на гостите кои ќе изберат да дојдат, откако ќе решиме да ги отвориме нашите граници, рече Теохарис.

Тој истакна дека Грција мора да биде подготвена, бидејќи тоа им го должи на туристичките работници и на грчките граѓани.

– Нема да ја чекам Европа, ако Европа не е подготвена да оди напред, додаде министерот за туризам на Грција.

Втората компонента се однесува на економската поддршка, а третата е дипломатијата.

– Грчкиот туризам ќе биде подготвен да прими туристи, но ако германската влада, руската влада, израелската, владата на САД ги ставаат во карантин оние кои што ќе се вратат од нашата земја, тогаш нема да дојде ниту еден турист. Нема да дојдеш тука десет дена за потоа 14 дена да седиш дома. Затоа потребни се дипломатски потези, истакна Теохарис и објасни дека работни групи од Министерството веќе работат со одредени земји „за колку е можно поскоро да ги отвориме границите”.

Промоцијата на земјата преку нова кампања и контакти со туроператори и меѓународни медиуми се последните две компоненти од планот на Министерството за туризам на Грција.

– Овој план има почеток, средина и крај. Има визија, тоа е план што ќе ни овозможи оваа криза да ја претвориме во најголема можност за грчкиот туризам. Бидејќи сакаме да бидеме први во Европа што ќе закрепнеме, први што ќе влеат доверба на оние што ќе одберат да дојдат во нашата земја, први што ќе го искористат времениот вакуум благодарение на квалитетната надградба на туристичкиот производ, за да можеме повторно, како земја, да се претставиме преку туризмот, додаде Харис Теохарис.

Министерот за туризам на Грција, од грчкиот Парламент рече дека оваа година нема да ја споредуваме со лани, бидејќи, во туризмот „нема да постои ниту една земја во светот што ќе функционира под истите услови, како што функционираше минатата година”.

Во однос на домашниот туризам, рече дека е многу мал, околу два милијарди, наспроти 18 милијарди од странство и не носи ниту едно евро, „туку во суштина ја рециклира грчката економија” и претставува пренесување средства од други економски активности на земјата во туристичката индустрија.