Теовчанецот Јанковски ќе умре без помош од државата

0
1456

Со тешка депресија и психички растроен, сам и напуштен од најблиските роднини, веќе една година живее педесет и шест годишниот Марјан Јанковски од велешкото село Теово. Повлечен во својот свет, Јанковски не комуницира со никого. Тој нема сопруга и деца. Ретко излегува од куќата што ја наследил од родителите, иако таа тешко може да се нарече дом. Во студена соба со поцрнети ѕидови и  таван кој во секој момент може да му падне врз глава, Јанковски ги преживува најтешките денови од својот живот. Тој не знае дали му студи па затоа оваа зима во неговата соба не грее стариот шпорет на дрва, пишува „Дума.мк“.

Здравствената состојба му се влошила во јуни минатата година. Тогаш неговата внука, која единствено се грижи за него, го однела во нервното одделение во велешката болница. Таму на два пати лежел по неколку недели. Состојбата му се подобрувала, но кога се враќал дома, по неколку дена, повторно се затворал во себе. Внуката на Марјан успеала да извади упат и да го однесе во психијатриската болница во Негорци кај Гевгелија, но таму Марјан не го примиле.

jankovski-soba-so-sporet14570179281457017848_thumb_medium490_0

„Кога пред два месеца го однесов во нервно одделение во болницата во Велес и кога му ја видоа состојбата веднаш ми дадоа приоритетен упат за сместување во психијатриската болница во Негорци. Но кога го однесов таму ми рекоа дека чичко ми можел дома да се лекува. Лекарите воопшто не му посветија внимание. Само му препишаа лекови и не вратија назад. На чичко ми му треба подолго лекување. Ништо не барам друго само да се смести во некоја установа и да го лекуваат “, рече Драгица Дамјановска.

jankovksi-dokument-od-specijalist1457018081145701797314570179281457017848_thumb_medium490_0

Во извештајот од лекарот специјалист стои дека на Јанковски му е потребна нега од друго лице бидејќи тој сам не може да се грижи за себе. Тоа го потврдуваат и неговите соседи кои велат дека без институционална помош и згрижување во специјализирана установа, тој нема да се излекува и да застане на свои нозе.

„Му помагам кога можам, од Центарот за социјални работи му носат топол оброк, ќе му го однесам во собата и ќе му го оставам на масата, ама дали јаде не знам. Тој беше крупен човек а сега е преполовен. Единствено може да му се помогне ако се лечи во невропсихијатарска болница или пак да биде згрижен во некој дом“, рече соседот Ѕвонко Велковски.

„Навистина ми е жал за него. Марјан не е лош човек, само му треба помош. Му однесов и јадење и вода, ама не сака да јаде. Постојано е само замислен и воопшто не комуницира со нас. Навистина му треба помош“, рече соседката Цвета Алексова.

Јанковски моментално живее со 1.200 денари социјална помош и 3.800 денари од негата за трето лице, но неговата внука вели дека тие едвај стигнуваат за лекови и лекарски контроли.  Марјан има дваесет години работен стаж во велешка Порцеланка. Фабриката пропадна а тој остана на улица. Потоа се разболел и никој не сакал да го прими на работа. Поранешниот прцеланец не може да добие инвалидска пензија и покрај тоа што исполнува услови, болен е со психијатриски дијагнози, не е способен сам да се грижи и од ден во ден нему му се влошува здравствената состојба. Комисијата за инвалидска пензија Марјан Јанковски го одбила со образложение дека не му било завршено лекувањето. Спротивно на ова неговите соседи и внуката сметаат дека тој нема да оздрави во самотија и без стручна мединска помош. Иако Марјан не е свесен сепак секојдневно е под закана дека може да биде жртва на трошната куќарка која секој миг може да се урне и да го поклопи. Затоа на педесет и шест годишниот Теовчанец му треба сместување во институција, лекување и грижа од државата./Д.С.

Извор: Дума.мк