Ташевска Ременски со нов допис до СОНК и градинките, нема промена на работното време

0
954

Во врска со реакциите на СОНК и на дел од вработените во градинките, а поврзани со укажувањето за почитување на законски утврденото работно време, министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски денеска и до СОНК и до вработените во градинките испрати Допис во кој што се појаснува дека нема промена на работното време.

„Почитувани,

Со внимание ги разгледав реакциите на моето укажување да се почитува законски утврденото работно време од синдикатот, вработените воспитувачи и негователи во јавните установи за деца – детските градинки. Должна сум да појаснам дека, целта на укажувањето беше исклучиво да се заштити интересот на децата, родителите и на вработените во овие установи. Не смее да се дозволи децата да страдаат заради интересите на некоја политика партија која сака да полни автобуси со вработени во јавната администрација.

Очигледна е намерата кај власта да се злоупотреби ова укажување за политички предизборни цели и да се дезинформираат вработените во градинките со цел да се предизвика штрајк.

Затоа, за да нема никакви дилеми и за да не оставам никаков простор за дезинформирање на воспитувачите и негувателите сакам јасно и прецизно да посочам на следниве две работи:

1. Работното време не се менува, останува какво што е предвидено во член 67 од Законот за детска заштита и подзаконските акти. Воспитувачите и негувателите имаат право пропишаните два часа од работното време за подготовка и други активности да ги реализираат дома.

2. Вработените во градинките не смее да бидат предмет на уцени, закани и условувања да ја напуштаат својата работа предвреме за да присуствуваат на партиски активности. Секој кој ќе се дрзне да прави вакви притисоци ќе биде санкциониран согласно законите.

Барам ова известување, директорите веднаш да го стават на увид и запознавање на сите вработени во детските градинки со цел објективно информирање и избегнување на секаков вид манипулации.

Со почит,
Министер д-р Фросина Ташевска-Ременски”