ТАСЕВСКА : СЛЕДУВА РЕКОРДНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЕНЗИИТЕ И ДОПОЛНИТЕЛНА ФИНАНСИСКА ПОМОШ ЗА ОКОЛУ 330.000 ПЕНЗИОНЕРИ

0
2253

Прес-конференција, Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ

Почитувани граѓани, почитувани новинари,

СДСМ преку Владата и парламентарното мнозинство што ги предводи продолжува со вистинска грижа за пензионерите.

Вчера, во Собранието беа усвоени измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување со што обезбедуваме одржлив и континуиран раст на пензиите.

Со новиот Закон, пензиите ќе се усогласуваат како збир од 50% од порастот на трошоците на живот и 50% од пораст на просечната плата во државата, согласно податоците од Државниот завод за статистика.

Новата методологија ќе започне да се применува од септември оваа година, а усогласувањето ќе се прави како и сега двапати во годината, во месеците март и септември.

Тоа значи дека веќе од овој септември околу 330.000 пензионери ќе добијат историско највисоко зголемување на пензиите, кои во просек ќе растат по околу 900 денари.

Дополнително, како дел од антикризните мерки, за месеците април, мај и јуни секој пензионер на својата пензија ќе добива дополнителни 1.000 денари со цел да се заштити економскиот стандард во време на криза.

Новото законско решение обезбедува одржлив и континуиран раст на пензиите.

Покачувањето на пензиите веќе никогаш нема да зависи од политичката волја на владејачките партии, како што тоа беше пред неколку години.

Остануваме посветени на мерките и политиките преку кои на дело ја потврдуваме вистинската грижа за сите категории граѓани.