ТАРАВАРИ : ЌЕ ИЗЛЕЗЕМЕ НА УЛИЦА, КОВАЧЕВСКИ ВЕЛИ ДЕКА НЕМА ДА ПАДНЕ ПОД ВЛИЈАНИЕ НА ЗАКАНИ

0
901

Опозицијата бара предвремени парламентарни избори, а власта не сака ни да слушне за тоа. Но Арбен Таравари од АА најави протести за уривање на Владата. Вели дека имаат стратегија и по конгресот на партијата тие ќе бидат по остри во барањето на правдата.

„Секако ќе излеземе и на улица. Ние ќе го одржиме конгресот на 27 март. Имаме стратегија како ќе делуваме како опозиција, ќе бидеме по остри, поагресивни и ќе бараме правда под секоја цена“, вели Таравари.

Премиерот Ковачевски е убеден дека во 2024 ќе имаме избори и вели дека нема да падне под влијание на закани.

„Не сум човек кој подлегнува на притисоци, закани и уцени. Доколку единствена точка за која опозицијата смета дека треба да се разговара се предвремени избори, тогаш таква средба нема да има, бидејќи сакам да повторам дека избори ќе има, но во 2024 година“, рече Ковачевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека на власта и е тешко да се повлече од привилегиите кои, како што велат, ги уживаат на грбот на граѓаните.

„Јас не очекувам дека оваа криминална власт ќе сака да ги напушти дебелите црвени килими и кожните фотелји каде е залегната и привилегиите кои ги уживаат на грбот на народот. Не очекувам дека тоа ќе го прифатат и едноставно ќе заминат, затоа што се свесни дека после тоа следува одговорност“, вели Мицкоски.

За да се постигне договор за предвремени избори треба да има лидерска средба, но таа средба не се организира поради тоа што опозицијата бара единствената точка да бидат предвремените парламентарни избори.