Талески од притвор распишувал огласи за вработување на партиски подлизурковци на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Битола

0
992

Додека бил во куќен притвор, градоначалникот Владимир Талески распишувал огласи за вработување во општинската администрација, обвинија денеска битолските социјалдемократи, тврдејќи дека вработувањата се незаконски бидејќи не добиле амин од Советот на Битола.

Покажувајќи го огласот, советникот Благојче Котевски рече дека станува збор за вработувања на 19 државни службеници.

– Ова е огласот за вработување во Општина Битола од 26 август, со кој директно се крши Законот за вработување во јавниот сектор. Општината треба да има годишен план за вработување кој треба да биде доставен и усвоен од Советот на Општина Битола до 31 март 2016 година. Таков план Советот нема изгласано – рече Котевски.

Според него, незаконското вработување не е единствениот проблем во овој оглас, туку тој е спорен и поради дискриминација.

– Секое работно место во овој оглас е поврзано со национална припадност. Имено, советникот за локални патишта и улици треба да биде Албанец, раководителот на одделот за администрација и општи работи – Македонец, а советникот за водење на постапка за јавни набавки – Ром. Ова е директно кршење на членот 9 од Уставот на РМ, кој гарантира еднаквост без разлика на национална, етничка, родова и на социјална припадност – додаде Котевски.

СДСМ најави дека ќе поднесе прекршочна пријава против Општина Битола како објавувач на овој оглас.

Со прес-конференција возвратија од ВМРО-ДПМНЕ, со став дека Советот ги одобрил вработувањата со тоа што го донел буџетот, во кој се предвидени средства за новите лица што ќе се вработат.

– Да не беа заслепени од намерите да наштетат и да омаловажат, ќе знаеја дека за огласот за вработување на 19 државни службеници, Советот на Општина Битола веќе даде согласност преку донесување на буџетот, во чии рамки заеднички предвидовме средства за нови вработувања – рече Виолета Ковачевиќ од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа уште додаде дека планот за вработување го одобрило Министерството за информатичко општество и администрација.

Извор : Мета