Талески од куќен притвор распишал конкурс за директор на ЈП „Нискоградба“

0
1001

Битолскиот градоначалник Владимир Талески, од куќен притвор распишал конкурс за избор на директор на Комуналното јавно претпријатие „Нискоградба“ од Битола.

На интернет-огласникот „Најди работа“ на 3 септември е објавен оглас под број 670323, во кој стои дека градоначалникот на Општина Битола распишува јавен конкурс за избор на директор на КЈП „Нискоградба“, Битола. Огласот трае до утре – 9 септември.

Директорската позиција во ова јавно претријатие одамна е тема на критики во политичката јавност во Битола. Пред неколку месеци советничката во Советот на Општина Битола од ВМРО-Народна партија, Габриела Илиевска, обвини дека актуелниот директор Кире Крстевски повеќе од една година незаконски е поставен за директор од страна на градоначалникот Талески. Илиевска тогаш тврдеше дека Крстевски двапати едноподруго добил незаконско решени за вршител на должност.

Илиевска, по распишувањето на новиот конкурс, прашува дали Талески од домашен притвор продолжува со беззаконието и дали ако наместо куќен, добиеше притвор во истражен затвор, таму ќе ги повикуваше кандидатите за интервју за директор на КЈП „Нискоградба“.

– Сакам јавно да поставам само две прашања. Прво дали Талески дома кај него ќе ги повикува кандидатите за избор на директор и ќе ги интервјуира или пак, како и досега на незаконски начин од дома ќе потпише ново в.д. решение за досегашниот директор да продолжи да директорува. Според мене што и да направи Талески е спротивно на законот – вели Илиевска.

Извор: Мета