СУЕТНО ДРУШТВО

0
1371

1Признавам, најважно прашање на светот и сега и секогаш и за сите времиња се суетите на елитата од СДСМ.  И партијата може да си го смени името во Суетно друштво на самобендисани мангупи.

Ама, сепак поважно од тоа е дали СДСМ, како главна опозициска партија што треба да биде обединувач на отпорот против власта, може да си допушти да се занимава со суетата и со прашањата за лојалност кон лидерот, и тоа сега – на еден месец пред избори. И особено, после двегодишна борба што почна со студентски протести, средношколски штрајкови, преку бомбите, до шарањето на белиот дворец на Владата и стиропорот од Скопје 2014. И особено што Груевски сè уште е јак противник. Малку разнишан, ама затоа уште поопасен.

Што им е поважно? Да бидат суетни и да бидат вицкасти, или да го урнат Груевски?

И ако веќе може да се прави некаква паралела меѓу победата на Трамп и поразот на Хилари, тогаш најважната  лекција  што треба да се научи е дека никој што не се согласува со власта на ВМРО-ДПМНЕ не смее да си дозволи да не излезе на гласање.

Тоа ти е како да си на пуст остров каде што има само еден ресторан. И таму има само две јадења. И викаш, едново е многу грозно, ама ни другово не ми се допаѓа. Е па не јади. Умри од глад.

Во Америка, милиони луѓе не излегоа да гласаат оти не им се бендисувале кандидатите. Трамп бил ужасен, ама Хилари не ја бивало за претседател. Е па, ете им го сега Трамп за претседател следните 4 години. Нека им биде добар.

Ние Трамп го добивме пред 10 години. И барем последниве две години видовме дека на многумина не им чини. Ама ете, сега на многумина од нив ни Хилари не им чини. И затоа, велат нема за кого да гласаат. И нема да излезат на избори. Што значи ќе мора да живеат со Трамп уште најмалку четири години.

Оти на Трамп му  одговара, ако веќе не може да ги контролира гласачите што се против него, тогаш барем да не излезат да гласаат за Хилари.

2Не верувам дека некој во ВМРО-ДПМНЕ ќе смее да зуцне за изборните листи на Груевски како што се дигна хистерија околу листите на Заев.  Дури и Заев да го стават на добитна позиција во некоја изборна единица ВМРО-вците ќе викаат: „Така треба. Тоа е мудра одлука на лидерот!“ Ќе молчат и ќе ракоплескаат, а куририте ќе објават и сите куртон телевизии ќе преземат: „Моќен и вешт политички потег на Груевски.“

3Зошто мислите дека оние луѓе на кои им се смеете дека одат по митинзи за сендвич би се откажале од сендвичот и би гласале против тој што им ги дава сендвичите само затоа што вие ги исмејувате?

Не е до сендвичите. До живеачката им е. Баш им е гајле ним за слобода и демократија. Баш им е гајле за човекови права. И за некои таму новинари што се жалат дека немало слобода на говор. Па и весниците ги затварале. Има доволно турски серии и српски турбофолк на телевизија.

Луѓето ги вработиле и сега затоа мора да одат на митинзи и да му плескаат на лидерот. Е па, ќе му плескаат. Голема работа. Ќе се повозат до Скопје, ќе им излезе уште една бесплатна екскурзија.

Добро сега, овие што ги вработиле или им ветуваат работа и многу краделе. И лоши биле. И тепале. И убиства криеле. Слушнаа во бомбите. Ама што нив тоа им менува во животот?

Добро сега, понекогаш можеби и се чувствуваат понижени оти им се закануваат дека ќе ги избркаат од работа, и им го упропастуваат неделниот ручек оти треба да полнат сали и да шетаат со партиски знамиња. Ама па барем пензијата доаѓа на време.

Лидерот се возел во мерцедес од 600.000 евра? Е добро де. Тие си се возат без пари до Водно. Партијата е сместена во луксузен дворец во кој никој не смее да влезе за да не се открие раскошот? Да де. Ама и нив без пари им ги легализираше дивоградбите.

Диме Спасов ја слупал државната кола, избегал од полиција и лажел? Па тие се поимпресионирани од партијата што застана во негова одбрана, отколку што би се налутиле дека разни Димевци трошеле нивни пари додека тие скапувале по болниците.

Многу се задолжувала државата? Ќе требало внуците да ги плаќаат долговите? Е па добро де, ама за ракија и салата имаме.

Сè додека Груевски им дава леб, иако со свои уши слушнале од Ставрески дека немаме за леб, а купуваме чоколади, тие нема да се свртат против него. Ги слушаме сè почесто дека и тие зборуваат против него. Ама нема да гласаат за да го сменат.

Ако сака опозицијата да ги придобие овие гласачи, ќе треба да им понуди барем исти сендвичи, ако не и подобри од оние на Груевски. Па и чоколадо, кое дури ни Ставрески со сета своја финансиска виртуозност не можеше да им го купи.

Додека Груевски им нуди субвенции и вработувања со мизерни плати, кои исто така ќе ги обезбеди од нивните пари, Заев им го нуди Ферид Мухиќ во Собрание да им филозофира за смислата на животот. А неопределените, на кои им се гади од сендвичите во автобусите, ќе наоѓаат маана и на филозофирањето.

4Впрочем, ако е до принципите дека Заев не требало да ги игра ни Лиле, ни Мухиќ, ни Милетиќ за да ја симне од власт фамилијата, тогаш што правиме со НСДП на Тито Петковски? Овие мрчаторите од суетното друштво кои се плашат од Трамп, ама ни Хилари не би ја гласале, заборавија што направи Тито Петковски со формирањето на НСДП. Зошто? Пак поради чиста суеата и за инает на Бранко. Му помогна на Груевски да дојде на власт и еве 10 години СДСМ не може да се опорави. Прво седеа во владата на Груевски. А потоа  уште и славата на Заев овие две години ја земаа. Се сликаа зад него кога ги објавуваше бомбите.

Ова го споменувам само како потсетник за мрчаторите. Оти ако сакаш да мрчиш, со себап стално ќе најдеш нешто за мрчење.

Толку ли е страшно ако некој што бил некогаш со Груевски, сега сака да го турне? Вие, како интелектуалци, како редовни мрчатори, како слободоумни луѓе, како општествена елита, сакате да го урнете Груевски, или не сакате? Спремни сте да се откажете од нешто, па макар и од мрчење? Ако не сте спремни, тогаш немојте да кукате ни од Груевски.

Што си мислите? Дека доволно е тоа што Заев ги извади на виделина сите гадости на Фамилијата, а на луѓето им е збоктисано од Груевски, па тој ќе падне? Е па еве го, не паѓа.

Да. На многу луѓе им е збоктисано. Ама тоа не е доволен број за Груевски да биде казнет. Ако сака СДСМ да победи, тоа нема да го направи само со своите гласачи. Треба да ги убеди и неопределените, и незаинтересираните, и мрчаторите, ама и разочараните од ВМРО-ДПМНЕ. А тоа богами треба да се одработи. За почеток, макар и со зауздување на суеатата.

5И додека цел свет анализираше зошто победи Трамп, а не Хилари, Македонија на листата на Фридом хаус за слобода на медиуми падна од „делумно слободна“ во „неслободна земја“. А Европската комисија испорача уште еден негативен извештај за назадувањето на Македонија во критериумите за членство во ЕУ.

Ама, што е толку важно дека Македонија е неслободна земја, кога Трамп ќе владее следните четири години.

Пишува : Горан Михајловски

Извор : САКАМДАКАЖАМ