СУДИИТЕ ЕНВЕР БЕЏЕТИ И ЛИРИЈЕ ЕЛЕЗИ НАМЕРНО ГИ ЧУВАЛЕ ПРЕДМЕТИТЕ НА МИЈАЛКОВ КАЈ СЕБЕ СО МЕСЕЦИ, СО ШТО ГО ПОВРЕДИЛЕ ЗАКОНОТ, ЗАКЛУЧИ СУДСКИОТ СОВЕТ

0
996

Нема образложени причини зошто предметот за масовното незаконско прислушување познат како „Тврдина-Таргет“ судијата – известител Енвер Беџети од Апелациониот суд Скопје не го ставал 9 месеци на одлучување. Со тоа се создадени услови овој предмет од многу висок јавен интерес да застари и да се затвори, се вели во извештајот на комисијата од Судскиот совет, која го испитуваше одолговлекувањето на овој, но и на предметите:„Трезор“, „Транспортер“ и „Алфи“.

Овој предмет ќе застари, затоа што пресудата е укината, судењето е вратено на почеток во Основниот кривичен суд. Главен обвинет тука е Сашо Мијалков, кој првостепено беше осуден на 12 години затвор. И во „Транспортер“, кој речиси три години седеше во фиока во Апелација, судија-известител беше Енвер Беџети. Последните денови од декември беше донесена пресуда, откако медиумите упорно пишуваа дека предметот фаќа прашина во Апелација, а главниот обвинет, ексградоначалникот на Битола Владимир Талески примаше плата од Театарот, седејќи дома во куќен притвор. Од овие три години, девет месеци се на непишување и необјавување на пресудата. Таа била донесена во април, но судијата-известител немал време да ја напише, иако рокот за тоа е 60 дена, што значи во јуни требало да биде објавена, а Талески уште тогаш да оди во затвор.

Енвер Беџети конкурирал за врховен судија.  Во „Трезор“ судија-известител беше Лирије Елези, а главен обвинет во овој предмет за незаконска набавка на британска опрема за прислушување, повторно беше Сашо Мијалков. Сопругот на судијката е примен во УБК во времето кога Мијалков беше директор. По пет месеци од пресудата, таа ја напишала пресудата. Дотогаш таа преку портпаролката на Апелација, на јавноста ѝ кажуваше: „Нема уште одлука, се работи на предметот“. И во овој случај пресудата од 8 години на Мијалков е укуната и вратен е предметот на повторно судење во Кривичниот суд.