Сугарески: Инвестирани се 1,5 милиони евра за рехабилитација на патот до граничниот премин Пелинце

0
1081

Со рехабилитација на делницата од Пелинце до граничниот премин Пелинце ја заокружуваме рехабилитацијата на целата патна инфраструктура во делот на општините Куманово, Нагоричане и Ранковце, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешната работна посета на општина Старо Нагоричане.

Патната и железничката инфраструктурата се приоритет број еден на оваа Влада.  Овде минува европскиот Коридор 8 и инвестициите што ги реализираме превенствено се насочени за развој на Коридорот кој за нас е стратешки патен правец, потенцираше Сугарески.

“Во делот на патната инфрастуктура, во ек е силна градежна активност. Конкретно во општина Старо Нагоричане завршивме со рехабилиатција на  патниот правец до Пелинце.  Во овој момент се работи на рехабилитација од Пелинце до граничниот премин што е особено многу важен за сите населени места и граѓани што живеат тука а ги има преку 4500 граѓани. Вкупната инвестиција е 1,5 милиони евра. Исто така реконструирани се и неколку други регионални правци во Куманово и кумановско, кон Ранковце, така да ќе ја заокружиме целата патна инфраструктура во овој регион”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Тој додаде дека во ресорот “транспорт” има одлична динамика на реализација на капиталните инвестиции, така што реализирани се околу 70 проценти во патната инфраструктура, преку 70 проценти во изградба на гасоводот,  64 проценти во изградба на железницата и 100 проценти изградба на социјалните станови.

Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов истакна дека до крај на годината очекува да се завршат со рехабилитација на околу 550 километри патишта.

“ До крај на неделата ќе го завршиме целиот овој пат до граничниот премин Пелинце во должина од 15 километри. Завршивме и со рехабилитација на патот од Куманово до Свети Николе, од Куманово до Опае и до Никуштак. Завршува тендерот за таканаречениот Искрин мост, распишавме тендер за мостот во Драгоманци што е клучен за поврзување со опсерваторијата Кокино, понатаму рехабилитиравме патниот правец до Ранковце и Крива Паланка, така да генерално целиот овој регион ќе го заокружиме”, изјави  директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

Градоначалничката на општина Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска потенцираше дека реконструкцијата на овој патен правец е од исклучително значење за жителите од регионот со оглед дека сите населени места во општината гравитираат кон тој пат.  Најави проект за изградба на водовод за зголемување на количините на вода во општината.