Сугарески: Се фокусираме на локалната инфраструктура и подобрување на условите за живот на граѓаните

0
797

„Рехбилитирана е речиси целата патна инфраструктура во Источниот регион и Делчево и сега се фокусираме на локалната патна мрежа и комуналните работи, со цел да ги подобриме условите за живот на граѓаните. Во моментов интензивно работиме на изградба на канализациона мрежа, со што ќе го решиме проблемот со атмосферските води“, истакна министерот за транспорт и врски Горан при денешната посета на општина Делчево, каде заедно со градоначалникот Горан Трајковски извршија увид во повеќе инфраструктурни проекти што се реализираат во општината.

Проектот за изградба на канализациона мрежа во Делчево во должина од 2 километри е со вредност од 13 милиони денари.

„Реализацијата на капиталните проекти во државата не само што не застана поради корона кризата, туку тие се реализираат со многу силна динамика насекаде и во секој регион. Создавањето на подобри услови за живот на жителите на Делчево е тоа што централната и локалната власт посветено и заеднички го работиме и тоа е видливо на терен. Општина Делчево преку Министерството за транспорт и врски има на располагање околу 800 илјади евра за изградба и санација на локални патишта и улици. Во првата фаза општината аплицираше за реконструкција на 3 улици и за отприлика два месеци очекувам да го распишеме тендерот, согласно правилата на Светска Банка, со што веќе наесен започнуваме со реконструкција. Ова е показател на сериозните инвестиции во регионот.

Веќе ги рехабилитиравме патиштата кон граничните премини, како и транзитот низ Делчево, па слободно можам да кажам дека генерално сè што требаше да се сработи, одговорно сработивме. Верувам дека со тоа граѓаните добија поквалитетен живот, а локалната економија услови за раст“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Министерот за транспорт и врски и градоначалникот на општина Делчево извршија увид и во градежните работи за реконструкција на неколку улици низ градот.

Градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски истакна дека во соработка со Министерството за транспорт и врски, локалната власт ги решава децениските проблеми на жителите на општината.

„Со проектот за одделување на фекалната од атмосферската канализација во населбата Милково Брдо- 2 го решаваме долгогодишниот проблем со атмосферската вода, која при обилни дождови предизвикуваше поплавување на повеќе објекти и имоти на граѓаните во овој дел од градот. Досега изградивме околу 300 метри, работите се одвиваат со силен интензитет и очекуваме канализационата мрежа да биде завршена за 5 месеци.

Веднаш по завршување на изградбата на атмосферската канализација започнуваме со реконструкција на улицата „Вера Јоциќ“. Исто така, Општината со сопствени средства планира изградба на улици во градот и населените места во износ од 12 милиони денари. Како што може да се забележи,  во Делчево се гради како никогаш досега и 2020 година иако тешка во однос на актуелната здравствена криза, ќе биде година на инфраструктурата“ – изјави градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски.