Сугарески обзнани дека конечно заврши сагата за тендерот за ефтини летови: „Визер” е единствената авиокомпанија која се пријави на јавниот повик и ги исполнува сите критериуми

0
1041

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска одржа прес-конференција на којашто информираше дека е успешен Јавниот повик за финансиска поддршка на авиокомпании и дека единствена компанија која што е пријавена е „Визер“. Во исто време, министерот Сугарески ги образложи и критериумите кои треба да ги исполни оваа авиокомпанија за да добие финансиска поддршка.

Во продолжение следи интегрален текст од обраќањето на Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески:

„Владата на Република Македонија е силно посветена на развојот на авиосообраќајот преку создавање на услови за влез на авиокомпании кои ќе понудат нови дестинации за македонските граѓани.

Ова е наша Програмска определба и Ве уверувам дека во натамошниот период во рамките на нашите надлежности ќе овозможиме многу нови дестинации.

Сакам да Ве информирам дека денеска заврши Јавниот повик за финансиска поддршка на авиокомпании.

На Јавниот повик, до Министерството за транспорт и врски пристигна само едно барање за финансиска поддршка и од тоа од страна на авиокомпанијата „Визер“. По утврдената евалуација на понудата од страна на Комисијата надлежна за спроведување на овој Јавен повик, утврдено е дека авиокомпанијата „Визер“ ги исполнува сите услови и критериуми наведени во повикот.

Денеска со задоволство можам да објавам дека Јавниот повик е успешен.

Согласно критериумите, авиокомпанијата „Визер“ има обврска да започне со оперирање на најмалку четири нови дестинации од аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид и тоа: првите две до 26 март 2019 година, а останатите две во рок од една година од денот на склучување на Договорот и истите да ги опслужува за периодот за кој се доделува финансиската поддршка.

Авиокомпанијата „Визер“ исто така има обврска да воспостави и две нови линии од Меѓународниот аеродром Скопје до 26 март 2019 година и истите да ги опслужува најмалку две години.

Во однос на финансиските средства, предвидени се вкупно 312 милиони денари или околу 5 милиони евра за период од 2019 до 2022 година.

  • за 2019 година предвидени се 86  милиони денари,
  • за 2020 година предвидени се 104 милиони денари,
  • за 2021 година се предвидени 104 милиони денари,
  • а за 2022 година предвидени се 17 милиони денари.

Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски ќе додели еднократна финансиска поддршка во износ од 40.000 евра за секоја нова дестинација воведена од „Меѓународен аеродром Скопје“ и аеродром „Св. Апостол Павле“ – Охрид.

За секоја нова дестинација воведена од „Меѓународен аеродром Скопје“ ќе се додели финансиска поддршка во износ од:

  • 9 евра по патник во заминување во првата година од договорот,
  • 8 евра по патник во заминување во втората година од договорот,
  • 7 евра по патник во заминување во третата година од договорот

За секоја нова дестинација воведена од аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид ќе се додели финансиска поддршка во износ од:

  • 13 евра по патник во заминување во првата година од договорот ,
  • 12 евра по патник во заминување во втората година од договорот ,
  • 11 евра по патник во заминување во третата година од договорот

Во оваа прилика сакам да и честитам на компанијата „Визер“. Тие и  понатаму остануваат сериозен партнер на Владата во развој на авиосообраќајот во Република Македонија.

Ние како одговорна Влада ветивме дека ќе продолжиме со стимулирање на авиосообраќајот и тоа го остваривме.

Нашата цел е да имаме квалитетен и безбеден авиосообраќај, а граѓаните да добијат што повеќе нови дестинации по поволни цени на авиобилетите“.