Сугарески-Китанов : Изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш ќе ја завршиме и пред рокот, ова е пример како треба да се гради

0
1097

„Со изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш ќе го подигнеме животниот стандард на преку 170 илјади жители на овој регион, а ќе овоможиме и бенефит за околу 12.000 фирми кои дејствуваат во овие региони“, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешниот увид во изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш.

Изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш е со вкупна вредност од 51 милион евра. Во моментов се работи на првата фаза во должина 23 километри и според динамиката на градежните работи се очекува изградбата да биде завршена пред предвидениот рок, во 2021 година.

Во изјава за медиумите, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески истакна дека со експресниот пат се создава брза патна врска меѓу Југоистокот и централниот дел на државата со што се отвора можност за влез на нови инвеститори, но и подобра комуникација меѓу граѓаните.

„Сосема е јасно дека квалитетната инфраструктура има клучна улога за економскиот развој, затоа ние како Влада ќе продолжиме посветено да работиме на унапредување на патната мрежа во земјава, континуирано да го поттикнуваме развојот на сите региони и заеднички со општините да соработуваме за посилна економија и подобар живот на граѓаните.

Покрај изградбата на експресниот пат, го рехабилитиравме и постоечкиот пат од Штип до Радовиш, како и патниот правец Радовиш-Подареш и патот кон Злетово, а во тек се рехабилитацијата на патот Радовиш-Струмица и реконструкцијата на патната делница Струмица-Ново Село“ – истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека овој експресен пат е пример за тоа како треба да се гради.

„Со изградбата на овој експресен пат држиме лекција за тоа како треба да се гради. По само година и половина се асфалтира првиот дел од 5 километри, а останатиот дел се подготвува. Проектот го воведовме во работа со 99% завршена експропријација и со завршени археолошки испитувања по најбрз можен пат, а согласно законите. За овој дел, финасискиот обем е веќе 52% реализиран, а физичкиот дел 54%. Во фаза на евалуација е и втората фаза од експресниот пат, на потегот од Три Чешми до мостот на Брегалница и од Бучим до излезот на Радовиш.“ – изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

Градоначалниците на општина Штип и општина Конче истакнаа дека изградбата на овој експресен пат и реконструкцијата на целокупната патна мрежа значително ќе влијаат врз локалниот и регионалниот економски развој.