СУБВЕНЦИОНИРАНА СТРУЈА САМО ЗА КОМПАНИИТЕ ШТО ГИ НАМАЛИЛЕ ЦЕНИТЕ, ОД 1 ЈУЛИ НЕ СЕ ОЧЕКУВА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЦЕНАТА НА СТРУЈАТА

0
454

До крајот на месецов ќе се знае дали ќе продолжи снабдувањето со субвенционирана електрична енергија за компаниите од прехранбената индустрија што користат повластена цена на струја, а досега не ги намалиле цените согласно договореното со Владата. За таа намена ќе се проверуваат податоците од Државниот пазарен инспекторат.

Оние што ги намалиле цените, како што вчера најави министерот за економија Крешник Бектеши, ќе продолжат да ја користат оваа поволност.

-На дневна база разговараме со стопанските комори и со одредени сектори од индустријата, особено производителите на домашни прехранбени производи. Во случај ако нема дополнително намалување ќе се доведеме во ситуација тоа да се укине како поддршка од страна на Владата, затоа што целта на поддршката што ја даде Владата на барање на стопанските комори беше да се влијае во делот на намалувањето на цените на основните прехранбени производи. Ако не се намалат на процентот што е договорен меѓу компаниите и Владата и согласно очекувањата на потрошувачите подобро тие средства да ги дадеме на граѓаните преку различни мерки, рече вчера Бектеши.

Нагласи дека намалувањето на цените би требало да се движи од седум до 13 отсто.

-Би требало до крајот на месецов да имаме конечен извештај од Државниот пазарен инспекторат и согласно тоа да се донесат одредени одлуки. Согласно прогласената кризна состојба, одлуките може да бидат и селективни, па за компаниите кои не ги намалиле цените да не важи оваа мерка, а за тие што ги намалиле и навистина се потрудиле да направат максимум да им излезат во пресрет на потрошувачите, да продолжи, рече Бектеши.

Со одлука на Владата, а по барање на бизнис секторот, од 1 декември минатата година поголем дел од капацитетите во прехранбената индустрија во земјава се снабдуваат со електрична енергија со субвенционирана цена од 80 евра за мегават час преку ЕСМ Снабдување.

Надлежните не очекуваат ниту зголемување на цената на струјата по 1 јули.

-Во координација со Регулаторната комисија за енергетика, факултетите и други експерти, веќе се прават анализи на одредени опции, за да се смени начинот на пресметување на цената на електричната енергија, во согласност  со капацитетите што ќе ги имаме во мај и во јуни. Убеден сум дека сите одлуки ќе бидат во насока на тоа да се зачува животниот стандард на граѓаните и да се поддржат малите и средните компании да бидат што поконкурентни, што значи дека не очекуваме да има зголемување на цената на струјата од 1 јули, рече вчера Бектеши.

Владата, како што кажа, е насочена кон мерки со кои ќе им се излезе во пресрет на  граѓаните, а една од таквите мерки е да се продолжи со 10 проценти ДДВ за струјата и по 1 јули годинава кога согласно предвиденото требаше повторно да се врати на 18 отсто.