Суад Мисини: Темата “Ферид”, вака како што се тркала, мора да престане

0
1469

Прво, да потсетам дека стојам настрана од курентниов политички фолклор, не се занимавам со партии, листи, програми… доволно долго кажував и аргументирав насироко што е што и што и како треба или не треба, врз основа на моето искуство, знаење итн… ги посматрам бизнисите на мафијата и тоа ми е засега доволна гимнастика.

Сега, да потсетам на неколку детали…принципиелно.

1. Имам голем респект кон Шарената револуција, бомбите итн., но не почнала новата ера со нив. Имало борба и пред тоа. Таа била крвава, да си немате дилема околу тоа. Тоа што сега Злото е во својот зенит, значи дека борци имало помалку, ама егзекуциите од секаков тип не биле нималку наивни. Сега, додека голем дел од сегашните борци биле во градинка, а нивните родители уживале во новостариот комодитет, Ферид фронтално ги понижувал Грците на нивна територија, ги масакрирал интервладините организации – сите по ред – заради непризнавањето на Македонија, борејќи се за угледот на младата држава и народот што живее во неа. И тоа траело долго, не година или две, и се одвивало на целиот глобус, не само на еден плоштад.

2. Ферид има ставови за абортусот какви што има. И, сега што? Да го распнеме на крст, ние – борците за слободи и права?!? Во 2016 година треба човекот во брада да си промрмори – сепак се врти, никој да не го чуе? Ние сме ултимативните холдери на космичката, конечната вистина?!? Дали разбирате каков фундаментализам е ова?

3. Додека беше советник кај Бранко, организираше серија дебати на тема “дијалози за Македонија” на кои се што постоеше како интелектуална сила се изреди таму, најчесто правејки пичвајз на сите страни. Немаше област ниту проблем кој НЕ беше начнат. И никому не смеесе влакно да фали заради тоа.

4. Зошто никому не пречи тврдокорниот и перманентен став на Ферид за напуштање на преговорите за името? Затоа што смета дека се непринципелни, неправедни и против меѓународното право? Дали е ова вмровски став? НЕ, почитувани, ИМА огромна разлика. И за неупатените, да потенцирам: Ферид е поголем патриот од Љубчо, Љубе и кој уште сакате наредете, сосе Кољо со чифликот што го продаде – заедно.

5. Ова НЕ е апологија на Ферид. За многу работи, страшно ме нервира. Јас дури и не би го ставил на листа. Особено НЕ за да ги привлече бошњацките гласови – тоа е толку потценувачки и кусогледо! Но зошто не се насочи прашањето кон оној што го ставил на листа, да образложи зосто го сторил тоа? Покрај сите добри работи што ги направил, како му се поткраднала оваа грешка?!?

И да не набројувам понатаму. Нема потреба. Особено за сите оние кои СЕ посветени да не ме разберат, или мизинтерпретираат. Читајте полека, концентрирано.

Почитувани, на месец дена пред избори, со кои мафијата сака да го направи ултимативниот спин – дека победата на избори ги чисти од криминалните гревови и им раѓа нов легитимитет кој ќе спречи било каков кривичен прогон – ние го лишуваме Заев од последната можност да го направи единственото нешто што мораше да го направи – да биде интеграторот на новото општествено ткиво на слободна Македонија! НЕ по секоја цена избирајќи го ликот со име Ферид, туку со начинот на кој се доаѓа до тимот кој треба да ја финишира оваа сулуда и комплетно нерамноправна битка. Заборавајќи кој е противникот и газејќи ги принципите воспоставени уште од Сун Цу, го почнуваме натпреварот со стартна позиција 0:1 – за нив.

Дали Заев направи катастрофална грешка? Проценете сами. На место на Ферид, јас би се повлекол. Каква порака тоа би испратило за Заев и неговиот тим? Проценете сами.
Дали ние со ваквите ставови, во овој момент и во овие констелации на специјална војна која мафијата и нејзините институционални структури ја водат против Република Македонија, сме предвесници на новата слободна Македонија? НЕ знам. Но она во што сум длабоко убеден е дека темата “Ферид”, вака како сто се тркала, мора да престане. Веднаш.

п.с. ова НЕ е обид за дебата. Сега немаме Што да дебатираме. Секој се охрабрува самостојно да се доинформира, размисли длабоко и стратески ориентира што и како понатаму.

Времето за дебати измина.

Фејсбук статус на Суад Мисини