Суад Мисини: Претседателе, сега ќе видите што е Street Law

0
1524

Претседателе Иванов,

гледам дека вие застанувате зад сите апсурди што ги произведуваат криминалците од власта и нивните дресирани кученца што се лигават низ медиумите и улиците… од хаосот во институциите – и особено Министерството за внатрешни – до перењето мозок на јаднава раја за смешните заговори против земјава и емоциите за бедните стиропор ремек дела кои наакано ги нарекуваат споменици на културата!

Претседателе, разни влади ги предупредуваат своите државјани да не патуваат во Македонија, а дома граѓаните си ги подигаат влоговите во банките и денарите ги претвораат во девизи.

Но, Претседателе, вашиот крволочен режим започна да апси граѓански активисти. Тоа веќе ги надминува сите граници кои за било кого се веќе неприфатливи. Ѓорѓе Иванов, пред речиси 20 години ве ангажирав како еден од предавачите за програмата „Street Law“, извонредна програма за граѓанско образование, која и денес постои како воншколска активност, под името „Учиме право“. За тој ангажман уредно ви беше платен хонорар. Од Сорос фондацијата.

Денес вашите мафио-колеги го апсат Здравко Савески, граѓански активист и ваш колега – универзитетски професор, затоа што ја симнал фотката со вашиот лик од зидот на народната канцеларија?!?

Претседателе, сега ќе видите што е Street Law. Но не програмата за граѓанско образование, чии принципи вие ги згазнавте безмилосно.

Ѓорѓе Иванов, дали се сеќавате на ветувањето, дадено пред десетина години, како претседател на комисија за доделување магистерска титула, на Правниот факултет? Се сеќавате дека моја анализа направена за потребите на проект под покровителство на ООН беше украдена од кандидат кој со таа анализа магистрираше пред вашата комисија, за што пишуваше тогашниот дневен печат? Имено, тогаш го ветивте следното: како што даваме академска титула, така можеме и да одземеме… и никогаш не го сторивте тоа.

Денес со истиот степен на незаинтересираност живеете покрај фактот дека новинар ви е во притвор-неосновано, дека институциите се распаѓаат со вашата тачитна согласност, на улиците во секој момент можат да се судрат граѓанин со граѓанин, а вашите загарчиња и квази интелектуалци постојано повикуваат на верска и интеретничка војна. А ваш колега притварате заради вашата бедна слика со рамка..???

Претседателе, бидете горди на своето недело. Да немате дилеми дека во историјата за навек ќе бидете запомнати како еден од клучните актери во уривањето на владеењето на правото и темелите на оваа напатена земја. Сите ние, сосе вашето семејство, ќе се срамиме од вас како претседател…

Денес, вие се уште седите во вилата на Водно. Вие ги пропуштивте сите можности да заминете со минимум достоинство од функцијата што ја осквернавевте.

Времето измина. Претседателе…не ве чекам повеќе. Вашата ера заврши, а вашиот крај ќе биде само една тажна приказна…

Суад Мисини – Фејсбук статус