СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТ – НИКОЈ НЕ ГЛЕДА СИСТЕМСКА ДИСКРИМИНАЦИЈА КОН БУГАРИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА КАКО ШТО ТВРДИ СОФИЈА ВО БРИСЕЛ

0
408
Извештајот на Стејт департментот за човековите права го потврди она што како порака стигнува изминатите денови од Европската унија на редовна основа – дека Македонија има многу подобар однос кон етничките малцинства отколку Бугарија и што е поважно, дека никој не гледа системска дискриминација во однос на Бугарите во нашата држава, нешто на што Софија го темели својот негативен наратив во Брисел кон нашата земја. На оваа тема во извештајот на Стејт департментот нема речиси ништо за Македонија освен констатацијата дека „Уставот и законот ги обезбедуваат слободите на мирно собирање и здружување, а владата генерално ги почитува овие права“, инфомира Независен.

Затоа пак во извештајот за Бугарија се констатира повторно дека бугарските власти продолжуваат да ја „ негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Обединета македонска организација-Илинден Благоевград и Друштвото на угнетените Македонци-жртви на комунистичкиот терор, и покрај бројните претходни одлуки на ЕСЧП дека со негирањата биле прекршени слободата на здружување на групите“.Стејт департментот има и оценка за одлуката да се забрани клубот на Македонците во Благоевград и за отворањето клуб на Бугарите во Битола, „Ванчо Михајлов“.

„Во јуни окружниот суд на Благоевград ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација-Илинден Благоевград со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското малцинство, ќе ја загрозат националната безбедност на земјата со изјава дека „правото на здружување е основно човеково право, но престанува да биде такво кога го поткопува јавниот ред“.0

Групите се пожалија дека наместо да дадат инструкции како да ги поправат грешките во нивните апликации, властите ги третирале како непоправливи, толкувајќи го законот преку идеолошки објектив што го оневозможувало регистрирањето на организација која ја фокусирала својата активност на етничките Македонци“, стои во оценката на Стејт департментот.Отворањето пак на клубот „Ванчо Михајлов“ се става во контекст на реакциите на Еврејската заедница во Македонија.

„Уставот и законот ги обезбедуваат слободите на мирно собирање и здружување, а владата генерално ги почитува овие права. Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Северна Македонија објавија заедничко соопштение за медиумите во кое го осудуваат именувањето на бугарскиот културен центар во Битола по Ванчо Михаилов, познат соработник на фашистите и нацистите.Тие рекоа дека отворањето на центарот на 16 април – Шабат и првиот ден на Пасха – било чин на навреда и негирање на холокаустот.

Во октомври граѓаните протестираа како одговор на континуираното именување на бизниси според нацистичките соработници како Михаилов или Цар Борис III, вклучително и за отворањето на клубот „Цар Борис III“ во Охрид. Во ноември парламентот усвои измени на законите за политички партии и здруженија на граѓани за да се забрани регистрацијата и работењето на оние кои носат имиња и симболи или се залагаат, поттикнуваат или одобруваат нетолеранција, омраза, фашистичка идеологија, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх.

Еврејската заедница се пожали дека нејзината иницијатива од 2017 година за измена на кривичниот законик што ќе го криминализира антисемитизмот, негирањето и искривувањето на холокаустот или глорификацијата на нацистичките и фашистичките симболи допрва треба да биде усвоена“, стои во извештајот на Стејт департментот.

За Бугарија, пак, стои силна оценка дека општествената нетолеранција кон малцинските групи продолжила и се манифестирала најчесто во дискриминација на Ромите и етничките Турци и дека зад таквиот однос го охрабруваат и политички партии, па и од власта.

„Политичките и владините актери понекогаш го одобруваа или поттикнуваа тоа. Организациите за човекови права известија дека расната дискриминација на Ромите се зголемила за време на вонредната состојба COVID-19. Медиумите често ги опишуваа Ромите и другите малцински групи користејќи дискриминаторски, омаловажувачки и навредлив јазик.