СРЕДБА ТРЕНЧЕВСКА-ПЕТРОВ : ВО ДЕМИР КАПИЈА ЌЕ СЕ ОТВОРИ ПРВИОТ ЦЕНТАР ЗА ОДМЕНА НА СЕМЕЈНАТА ГРИЖА

0
565

Министерката за труд и социјална политика, Јoванка Тренчевска денеска се сретна со градоначалникот на Општина Демир Капија, Лазар Петров.

Двајцата соговорници констатираа дека Министерството за труд и социјална политика и општината ќе продолжат со нова и повисока ефикасност во реализирањето на заедничките проекти во интерес на граѓаните.

На средбата беа разгледани досегашните и идни проекти, како што се изградба и реконструкција на постојните градинки и нивно опремување, проширување на капацитетите за поголем опфат на деца во предучилишна возраст и обезбедување подобри услови за престој на децата во нив.

Стана збор и за процесот на деинституционализација кој ќе продолжи и годинава, но и за подготовките новореконструираниот објект на Специјалниот завод Демир Капија наречен Депанданс, да биде отворен во текот на годинава.

„Во тек се подготовките овој објект напролет да биде отворен како прв Центар за одмена на семејната грижа, услуга за првпат воведена кај нас со Законот за социјалната заштита. Семејствата кои самите се грижат за член со попреченост или од други причини зависен од грижата на семејството (старо лице, болно и изнемоштено) ќе можат 15 дена во текот на една година да добијат оддишка, така што грижата за зависниот член на семејството ќе ја преземе идниот центар за одмена на семејната грижа“, рече Тренчевска.

Градоначалникот Петров посочи дека по шести пат се реализира проектот во рамки на програмата Општинско-корисна работа која што е поддржана од Агенцијата за вработување, програмата за развој на Обединетите наии и Општина Демир Капија.

„Со спроведување на проектот „Подобрување на раниот детски развој и квалитетот на живот во Демир Капија III “ се овозможува подобро функционирање на клоновите на ЈОУДГ „Борис Трајковски“, во селата Корешница и Бистренци,“ рече Петров.

На средбата се разговараше и за можностите за подобрување и проширување на капацитетите за згрижување на стари лица, преку изградба на нови домови за грижа на стари лица.

Во моментот на територијата на општина Демир Капија се спроведува услугата помош и нега во домот.