Средба Заев -Ахмети: Започнуваат преговорите за состав на нова Влада

0
1492

Денеска треба да се одржи средба на лидерот на СДСМ со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со што започнуваат преговорите за состав на нова Влада. Се очекува разговорите да продолжат и во текот на викендот, бидејќи треба да се усогласат позициите на сите партнери од мнозинството.

Уставниот рок до кој треба да биде договорен владиниот состав истекува на 6 јуни, но како што нагласи Заев тој договор ќе се постигне за десеттина дена.

Партиите не ги откриваат имињата на кандидатите кои преферираат за министерски позиции, а за она што се шпекулира во јавноста е дека од редовите на СДСМ одредени ресори дефинитивно ќе бидат предводени од Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски и Љупчо Николовски.

Во ДУИ не ги откриваат кадровските имиња, но најавија дека ќе понудат искусни и компетентни кадри. Алијанса за Албанците најверојатно ќе добие едно министерско место, а на крајот од разговорите ќе знае дали и со колку позиции ќе партиципира „Беса“ во владиниот кабинет.

Мнозинство очекува до крајот на следната недела во Собранието да биде изгласан новиот владин состав, а веднаш потоа се очекува и седница за измените на Изборниот законик, со кој треба да се продолжи мандатот на градоначалниците.