СРБИЈА ОЧЕКУВА 30.000 РАБОТНИЦИ ОД АЛБАНИЈА И МАКЕДОНИЈА ОД СЕПТЕМВРИ, ПЛАТИТЕ КАЈ НИВ СЕ ДВОЈНО ПОГОЛЕМИ

0
527

Над 30.000 занаетчии, лекари, медицински сестри и техничари од Македонија и Албанија од септември ќе бараат работа во Србија без никакви дополнителни документи, работни визи и посебни дозволи.

Ова ќе биде овозможено благодарение на иницијативата „Отворен Балкан“ и отворањето на единствениот пазар на труд. Дополнително, целиот регион ќе стане многу поатрактивен за странските инвеститори, бидејќи тие полесно ќе ги најдат работниците што им недостасуваат, сметаат експертите.

Српските медиуми пишуваат дека сите занимања што се потребни во Србија се интересни за луѓето од Македонија и Албанија а една од главните причини е подобрата плата.

Како што изјави за Информер директорот на Канцеларијата за ИТ и е-Влада Михаило Јовановиќ, сите занимања што им се потребни се интересни за луѓето од Македонија и Албанија.

– Сметаме дека ќе има работници кои ќе дојдат со завршено високо образование, но и оние кои имаат основно и средно образование. Градежништвото е многу барано, како и земјоделските работници. Треба да има многу заинтересирани за здравството, особено што платите кај нас се повисоки. Сепак, уште поважно е што како регион сите ќе станеме многу поинтересни за странските инвеститори бидејќи тие побрзо и полесно ќе допираат до работниците, а тоа е една од причините да инвестираат во овој дел од Европа – вели Јовановиќ.

Граѓаните на Србија, Македонија и Албанија ќе можат да се вработат во овие земји преку проектот „Отворен балкан“, преку идентификациски броеви без дополнителни административни бариери. Предвидено е граѓанинот кој сака да се вработи во една од овие три земји, да ги внесува своите податоци преку порталот е-Влада и на тој начин да го добие идентификацискиот број на иницијативата „Отворен Балкан“. Секој граѓанин кој ќе пристапи до порталот и ќе го добие тој број ќе може непречено да пристапи до пазарите на трудот во сите три земји. Целта е постапката треба да е иста во Србија, Македонија и Албанија.