СПОРЕД СИТЕЛ ИНИЦИЈАТИВАТА НА ВМРО-ДПМНЕ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА РЕФЕРЕНДУМ НЕМА ДА ГО ПОМИНЕ СОБРАНИСКИОТ ФИЛТЕР

0
963

Повикувајќи се на извори од владејачкото мнозинство, Сител пренесува дека ВМРО-ДПМНЕ ја адресирале Иницијативата за распишување на референдум „до претседателот на Собранието“, со што е избегнато користењето на уставното име на државата, односно не се наведува дека се работи за Претседател на Собранието на Република Северна Македонија

Поради одбегнувањето да се користи името на државата, голема е веројатноста Иницијативата да не го помине собранискиот филтер како неуредна

Собранискиот спикер Талат Џафери најрано во вторник би можел да ја прими Инцијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум за поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија. Во петокот, кога опозициската партија ја поднесе Иницијативата до македонското Собрание, Џафери веќе бил на службен пат и не успеал да го добие документот. Истото претпладне Џафери ја водеше собранската седница на која се обрати италијанскиот претседател Серџо Матарела. Пред седницата, пак, Џафери имаше средба и со Мемли Красниќи, претседател на Демократската партија на Косово.

„Џафери е надвор од државата. Во моментот кога ќе ја прими Иницијативата, ќе бидете информирани навреме“,посочија во петокот од Кабинетот на претседателот на Собранието.

Кога и да ја прими Иницијативата, според Деловникот, Претседателот на Собранието веднаш ја препраќа до Законодавно-правната комисија и до Комисијата за политички систем. Во рок од два дена, овие две работни тела треба да оценат дали Иницијативата е уредна. Ако Иницијативата е уредна, собранискиот спикер во рок од 3 дена ќе треба да ја извести ВМРО-ДПМНЕ за да почне со собирањето на 150 илјади граѓански потписи. Ако документот, според комисиите, не е уреден. Тогаш Џафери е должен Инцијативата да ја стави на дневен ред на првата наредна седница и тогаш да се произнесе пленумот со заклучок.

Телевизијата Сител, повикувајќи се на неофицијални извори од владејачкото мнозинство, пренесе дека Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ веројатно нема да го помине собранискиот филтер.

„Референдум се поизвесно е дека ќе нема“,изјавил засега неименуван тие.

Попрецизно, телевизијата тврди дека е извесно сценариото – Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум да биде оценета како неуредна. Основата за таков заклучок, велат анонимни пратеници од владејачкото мнозинство за Сител, е што Иницијативата е упатена „до претседателот на Собранието“, со што е избегнато користењето на уставното име на државата, односно не се наведува дека се работи за претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

Продолжува меѓупартиската „војна“ на зборови
Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ на денешната прес конференција рече дека додека нивната партија презема мерки во интерес на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски по секоја цена продолжуваат со блокадите.

„Наместо конструктивност ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски со барањата за избори, за референдум се обидуваат да го попречат нормалното функционирање на институциите, на штета на домашната економија, на штета на граѓаните. Нивното такво деструктивно однесување одново ќе биде поразено“, вели Кузеска.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес конференција рекоа дека антимакедонската СДС е затечена и не знае како да реагира, само сигурна е дека не сака соочување со народот и бегаат од Референдум.

„Антимакедонската СДС е затечена и не знае како да реагира, единствено сигурно е дека не сака соочување со народот. Нема план и стратегија за Референдумот. Ковачевски и Пендаровски веќе неколку дена не знаат како да се постават, стравот од соочување со народот кај власта е огромен. Според спроведени истражувања над 60 отсто од Македонците би излегле на Референдум, и тоа го знаат и во власта. Таквата огромна излезност во големо мнозинство ќе резултира со отфрлање на Договорот со Бугарија. Ова се реалните бројки и факти.
Народот е за поништување на Договорот со Бугарија затоа што тој е изворот на сите негации кон Македонија, кон македонскиот јазик, историја и идентитет“, рече Миле Лефков, член на Изборниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.

Во Договорот, додаде Лефков, се инкорпорирани најрадикалните и шовинистички бугарски барања, во режија на Заев, а подоцна прифатено и од Ковачевски.

„Тезите на антимакедонската СДС дека народот ги поддржува и е согласен со Договорот со Бугарија се лага. Доказ за тоа е и бегањето од понудата за тројни избори, за и заедно со Референдумот, да се организираат и предвремени парламентарни и претседателски избори, се на еден трошок на државата да се завршат сите три важни операции. Од власта немаат одговор затоа што не им одговараат избори и знаат дека ќе изгубат“, додаде Лефков.

ВМРО-ДПМНЕ во петокот и официјално до Собранието ја поднесе иницијативата за собирање потписи и отпочнување на референдумот инициран од опозициската партија, според кој, граѓаните би се изјасниле „за“ или „против“ Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу С Македонија и Бугарија.

За ова информираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој кажа дека како што беше и најавено, иницијативата за отпочнување на референдумот е официјално поднесена до парламентот.

Откако ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе иницијативата до Собранието, лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски ги повика Владата и претседателот на државата да го поддржат процесот со иницијативата за референдум и, како што рече, да не го опструираат преку собранискиот спикер Талат Џафери.

Мицкоски на брифингот со новинарите минатата недела информираше дека доколку Иницијативата го помине собранискиот филтер законските одредби предвидуваат дека во рок од три месеци ќе треба да се соберат 150 000 граѓански потписи во подрачните единици на Министерството за правда, за што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се надева дека тоа ќе биде за многу пократко време. Доколку тоа се оствари, ќе следува период од 60 до 90 дена и водење на кампања за референдумот што значи, како што рече Мицкоски, некаде напролет тој би требало да се одржи и ќе биде најголем тест за македонскиот народ во поновата историја.

За референдумот да биде успешен потребно е најмалку 910 000 гласачи да излезат на гласање и да се изјаснат дали се за поништување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

„Ги повикуваме властите да не ја опструираат иницијативата за референдум, ниту во Собранието ниту со повикување на бојкот на гласачите. Ги повикуваме сите Македонци на едно семакедонско обединување, а бараме поддршка и од сите наши сограѓани, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи и други, да се солидаризираат со своите сограѓани Македонци, чиј идентитет е нападнат, и да излезат и да гласаат на референдумот“, рече Мицкоски.