СПОРЕД БОЈАН МАРИЧИЌ ПРОТОКОЛОТ НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ УСЛОВ ВО ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА, НИТУ МОЖЕ ДА БИДЕ УСЛОВ ВО ПРЕГОВОРИТЕ

0
478

Договорот за пријателство и добрососедство има свои инструменти на функционирање. Историската комисија е дел од тој договор, исто така и овие протоколи. Тоа е билатерално прашање меѓу нас и Бугарија. Тој протокол не може да биде услов во преговорите, ниту да биде спомнат во преговарачката рамка, порача вицепремиерот за еворинтеграции Бојан Маричиќ вечерва во гостување на ТВ Телма.

Во однос на бугарското барање да се вклучи референца за протоколите кои произлегуваат од Договорот за пријателство и добрососедство во преговарачката рамка, како и за потпишување на билатералниот протокол составен од историски, образовни услови и идентитетски прашања, како што бил преговаран и усогласен меѓу двете министерства за надворешни работи, вицепремиерот Маричиќ тврди дека не е усогласен текстот на протоколот, не е договорен и не е потпишан, и оти се уште отворени прашања за кои мора да се разговара.

– Рамката е документ што го зацртува патот за наредните 10 години или колку и да се, како ќе изгледа текот на преговорите со ЕУ и е основа за договорот за пристапување кон ЕУ. Меѓу секоја меѓувладина конференција има услови секогаш, во сите преговори. Во однос на ова, ние не велиме да нема услови помеѓу, тоа ќе има по сите основи. Битно е ние да ги почнеме преговорите. Моментот кога ќе ги почнеме преговорите, го започнуваме скрининг процесот, значи аналитички анализа на нашето законодавство и практики, во однос на практиките и законодавството на ЕУ, појасни Маричиќ.

Нагласи дека за нас било важно првата меѓувладина конференција да не биде симболична туку да означува реален почеток на преговорите.

– Доколку тоа се случи ние можеме понатаму да разгледуваме кога и како и во кој рок може да се извршат уставните измени. Нашиот став од самиот почеток беше дека тие измени се возможни и можат да се направат до крајот на заклучувањето на преговорите, изјави Маричиќ.