СПАСОВСКИ: ТРЕБА ДА СЕ ПОЧНЕ СО ИНТЕНЗИВНИ ФИНАНСИСКИ ИСТРАГИ ЗА ДА СЕ ДЕТЕКТИРА НЕЗАКОНСКИ СТЕКНАТ ИМОТ И ИСТИОТ ДА СЕ КОНФИСКУВА!

0
703

Денеска на Факултетот за безбедност – Скопје, присуствував на промоција и презентација на учебникот „Методика на истражување на организиран криминал“ од проф. д-р Марјан Николовски, а во присуство на продекани, професори, претставници на безбедносните институции и студенти од Факултетот за безбедност Скопје. Како и многуте други стручно-научни изданија од професорите од Факултетот за безбедност, верувам дека и овој учебник ќе биде од голема полза не само за студентите на студиската програма по криминалистика, на Факултетот за безбедност, туку и за вработените од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, при МВР.

Учебникот обезбедува широка теориска основа, обработувајќи ги поважните достигнувања во криминалистичкиот инструментариум во расчистување на нови софистицирани форми на организиран криминал.

Притоа, особено значајни ги сметам укажувањата во учебникот, во однос на паралелното водење на криминалистички и финансиски истраги, за што лично се залагам од моето доаѓање на чело на МВР. Тие, меѓу другото, би довеле и до детектирање на целокупниот имот кој е стекнат на незаконски начин, по што би следувала конфискација на имотот и слевање на финансиските средства во државниот буџет. На таков начин се упатува јасна порака до криминалците дека – криминалот не е исплатлив!