СПАСОВСКИ : ПРВ ДОГОВОР МЕЃУ ЕУ И РСМ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

0
365

Носам добри вести од Скопје – вчера Владата донесе одлука со која го усвои текстот на Договорот меѓу Република Македонија и Европската Унија, со кој се регулира статусот и соработката со европските погранични органи Фронтекс. Подготвени сме за негово потпишување.

Ова, на 6 -ти јуни 2018 година, тогашниот вицепремиер задолжен за европски прашања, Бујар Османи, му го соопшти на еврокомесарот за миграција и внатрешни работи, Димитрис Аврамопулос, на средба во Брисел. Но, македонската подготвеност се најде пред „бодликава жица” многу поголема од онаа со која некои земји на ЕУ го спречуваа напливот од илегални мигранти. Имено, Бугарија беше единствената земја што го блокираше потпишувањето на тој договор, поради непризнавање на македонскиот јазик.

Четири години без успех завршуваа напорите тој да биде потпишан, а негова деблокада беше најавена по прифаќањето францускиот предлог, кој значеше и симнување на бугарското вето за почеток на македонските преговори со ЕУ, но условен со уставни измени.

Нацрт- договорот со Фронтекс подготвен уште во 2018 година, во изминатиот период мораше одново се преговара, заради усогласување со новите директиви. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска се подготвува да стави потпис на тој договор заедно со еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон. На чинот ќе присустваат и премиерот Димитар Ковачевски и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која попладнево од Скопје ја почнува турнејата низ шесте земји на Западен Балкан.

Спасовски не го крие задоволството што конечно ќе се финализира Статусниот Договор за соработка на Северна Македонија со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс), кој заради претходно споменатата блокада, сега добива и значење плус.

„Значаен е, бидејќи тоа е прв договор меѓу ЕУ и Република Северна Мкаедонија кој ќе биде потпишан на македонски јазик. Второ, од аспект на оперативната активност многу значајно е што со овој Договор ќе овозможиме подобра заштита на границите и брзо распоредување на персонал и опрема на Фронтекс на критични точки на границите“, вели Спасовски за ДВ.

Помош од ЕУ за гранична безбедност

А токму вчера Европската Комисија вчера одобри нова финансиска помош од 39,2 милиони евра за подобрување на заштитата на границите на земјите од Западен Балкан. Парите, кои се дел од претпристапната помош за земјите ккандидати за членство, се наменети за купување мобилни системи за набљудување, за дронови, за биометриски уреди, за обука и поддршка за создавање на национални координативни центри.

Покрај ова, ЕК предлага Србија, Црна Гора, БиХ и Албанија да потпишат нови договори за зајакнување на границите, преку кои тимовите на „Фронтекс“ ќе можат да бидат распоредени на сите нивни граници, а не како досега, само на границите со земјите од ЕУ.

Тоа не случајно. Податоците говорат дека балканската рута годинава била најактивно користена од илегалните мигранти на нивниот пат кон ЕУ. Според податоците на Фронтекс, над 106.000 луѓе биле спречени во таков обид во првите 9 месеци од годината, што е раст од 170 отсто во споредба со 2021 година.

До крајот на 2024 година, ЕУ ќе потроши уште околу 150 милиони евра (од вкупно 350 милиони евра) за поддршка на Западен Балкан во разработување на системи за управување со миграцијата, гранична безбедност и репатријација на илегални имигранти.

Јохансон: Важен чекор напред

Денешното потпишување на Договорот со Фронтекс пред два дена го најави и еврокомесарката Јохансон, укажувајќи на значењето на таа соработка.

„Мора да го поддржиме Фронтекс во земјите партнери од Западен Балкан, каде веќе имаме 300 мажи и жени кои овозможуваат поддршка на границите. Во среда ќе одам во Скопје, за со министерот Оливер Спасовски да го потпишеме Договорот за Фронтекс помеѓу ЕУ и Северна Македонија, што мислам дека ќе биде уште еден важен чекор напред. Покрај ова, треба да ја зајакнаме поддршката кон нашите партнери од Западен Балкан околу враќањето и реадмисијата, а се надевам дека следната недела веќе ќе можеме да зборуваме за отпочнување на оперативно партнерство против криумчарењето мигранти“, порача пред два дена Јохансон, на министерска конференција во рамки на Прашкиот процес, на која учествуваше и министерот Спасовски.

Тој објасни дека распоредувањето на персонал на Фронтекс ќе уследи по повеќегодишната реализација на Заедничката операција на јужната граница на РСМ, во чии рамки странски полициски службеници од повеќе европски земји и партнери заеднички работеа на зачувување на границите и на безбедноста на македонските граѓани, а со тоа и безбедноста на државјаните на ЕУ.

Извор: ДВ