На денешен ден – 2 август Илинден е поставен најцврстиот темелник во основата на македонската државност. Нашата борба за слобода и правда преку Илинден во 1903, а потоа и на вториот Илинден во 1944 година, беа столбовите на Републиката и на државноста, порача денеска во своето обраќање на скопската тврдина Кале премиерот Оливер Спасовски на свеченоста по повод Денот на Републиката 2 Август – Илинден.
Истакна дека во остварувањето на оваа цел Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и сите други остваруваа и ги делеа заедничките победи кои ни ја овозможија денешната Република Северна Македонија, држава-членка на НАТО, земја на пат за ченство во ЕУ – земја која меѓународната заедница ја прогласи за најуспешна приказна на Западен Балкан во последните три години.
-Ова се резултати на победи на сите нас. Затоа оваа година го прославуваме Денот на Републиката под слоганот „Победа за сите”, и започнавме да го чествуваме со почести пред споменикот на Слободата „Сила слава и победа”. Победа за сите нас, затоа што Илинден и АСНОМ се симболи на заедништво, а не на поделби. Денес славиме празник за подобро утре на оваа и на сите наши идни генерации како завет дека ќе продолжиме заедно нашата вековна иднина, посочи Спасовски.
Како што рече премиерот, денеска кога со сета почит и достојност се сеќаваме на државоторните настани на давата Илиндена во 1903 и во 1944, од перспективата на оваа 2020 година неминовно е да се сочиме со фактот дека треба да ја прифатиме државотворната агенда на концептот кој силно повикува да ја градиме Македонија како граѓанска држава која ке биде слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници, едно општество за сите.
-Нив исто како и нашите претци должни сме да им се спротивставиме на фашизмот, гласно и храбро, борбата со фашизмот и против делбите на нашите граѓани против сеењето омраза, помеѓу браќа, соседи и другари е наша света обврска. Нашите партизани застанаа храбро и пркосно наспроти фашизмот и благодарение на таа храброст и на тој пркос денеска ние имаме држава. И ништо помалку од тоа не смееме да им оставиме и на нашите идни генерации, подвлече Спасовски.
Ги честиташе двата настани Денот на Републиката – Илинден и АСНОМ, во коишто, како што рече, е собран континуитетот на создавањето на македонската државност.
-Нека ни е честит и вечен 2 Август – Денот на Републиката. Нека ни се честити и вековити Илинден и АСНОМ. Денеска во главниот град на нашата држава во Пелинце и во славно крушево одбележуваме и славиме два настана во кој е собран континуитетот на создавањето на македонската државност, рече Спасовски на свеченоста по повод Илинден на скопско Кале