Спасовски: Мизрахи да ја замени некој од пратениците што гласаа за Северна Македонија и Протоколот за НАТО

0
830

Можам да правам компромис и да разговараме за политички теми, можеме да бараме решенија за тие теми, но да правам компромис за почитување на Устав и на закон и посебно на министер што даде свечена изјава пред Собрание дека ќе го почитува Уставот и законот, тоа нема да се случи, дециден е премиерот Оливер Спасовски во одговорот на новинарско прашање дали размислува, за да се избегне политичка криза, да го повлече барањето за разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.

На прашањето како може да се реши ова прашање, Спасовски посочи дека во предлогот доставен во Собранието за разрешувањето на министерката Мизрахи, тој нема дадено ново решение и затоа, нагласи, тоа останува на опозицијата.

– Очекувам дека опозицијата ќе биде мудра и ќе даде кандидат, што го почитува Уставот и законите. На пример еден од пратениците кои гласаа за Северна Македонија и Протоколот за НАТО, како можно решение. Одлуката е нивна кого сакаат нека предложат, јас ќе го прифатам, изјави премиерот Спасовски на денешната заедничка прес-конференција со директорот на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски.

Во однос на можноста ВМРО-ДПМНЕ да не учествува во работата на Собранието, откако вчера партискиот лидер Христијан Мицкоски рече дека не гледаат повеќе потреба за такво нешто затоа што не се распушти Парламентот согалсно политичкиот договор, Спасовски истакнува дека не знае каква одлука донела опозициската партија, но порачува дека за таква политичка одлука се носат соодветни консеквенци.

-Не знам каква одлука има донесе ВМРО-ДПМНЕ во однос на учеството во работата на Собранието, но сепак тоа е нивна политичка одлука и за таа одлука се носат соодветни консеквенци, рече Спасовски.