Спасовски: МАРРИ е доказ дека регионот знае да соработува

0
1081

Ова го потенцираше Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, на денешниот традиционален дипломатски брифинг за активностите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ, во присуство на претставници од дипломатскиот кор, меѓународните организации присутни во Република Македонија, како и претставници од институциите кои имаат ингеренции во областа на миграциите.

– МВР како извршно тело кое одблиску работи на проблематиките кои ги опфаќа МАРРИ посебно се гордее на оваа активност бидејќи тоа е доказ дека регионот знае да комуницира, да соработува и да дава придонес во задржувањето на стабилноста, рече Спасовски.

Тој додаде дека Република Македонија, како една од земјите-основачи, е посебно горда на тоа што Регионалниот центар на МАРРИ иницијативата веќе 12 години е со седиште во Скопје.

– Во овие времиња потребен ни е силен МАРРИ Центар кој ќе помага во изнаоѓање решенија за потешкотиите кои поединечно не можат да бидат надминати, подвлече министерот Спасовски.

Меѓу повеќето проекти на Иницијативата, го спомена проектот за воспоставување регионален регистар на преведувачи на ретки јазици, потреба идентификувана не само за РМ, туку и за останатите земји во регионот. Овој проект финансиски е поддржан од Амбасадата Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска

– Сите позитивни примери ќе мора да имаме политичка волја да ги вградиме и тоа што зависи од нас за членство во ЕУ, да го направиме, да не бараме секогаш изговори дека некој друг е виновен зошто РМ не оди напред и зошто од една причина за оддалечувањето од ЕУ и НАТО интеграции, да се зголемуваат од година во година, притоа не можејќи да погледнеме во огледалото како ние придонесуваме да ги зголемуваме причините кои се препрека на патот на европските интеграции, рече Спасовски.

Амбасадор Тамара Мугоша, директор на МАРРИ Регионалниот Центар ги презентираше реализираните активности и плановите за развој на Иницијативата.

– Постигнавме добри резултати во реформата на оваа Иницијатива за таа да постане посилна и поодговорна за постоечкиот контекст на миграциската криза. Го засиливме партнерството со други регионални организации и добивме посилна техничка и финансиска поддршча од меѓународната заедница. На овие прашања МАРРИ ќе работи и во наредниот период имајќи предвид дека миграциската криза не е краткотрајна и сите земји во поголема или помала мерка имаат потреба за поддршка во третирањето на прашањата кои се однесуваат на миграциите, азилот и бегалците, изјави Мугоша, директор на МАРРИ регионалниот центар.