СПАСОВСКИ ЗА МАКФАКС : ОПОЗИЦИЈАТА БЛОКИРА НО ТОПИНСКА МЕРКА ЌЕ ИМА, ВЛАДАТА ГИ ПРЕЗЕМА СИТЕ ПОТРЕБНИ МЕРКИ

0
423

Во интервјуто за МАКФАКС министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на прашање за енергетската криза истакна дека топлинска енергија ќе има, Владата ги презема сите мерки во тој дел, транспарентно ги информира граѓаните и во тој дел не треба да има загриженост.

„Се преземаат низа на активности од страна на државата. Ако ги погледнеме досега резултатите, ние немаме драстично зголемување на цената на струјатата, како што имаат земјите од регионот. Од исклучителна важност е енергетските капацитети да работат со полн капацитет, како што тоа е и сега, без разлика дали е РЕК Битола, РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино и други енергетски капацитети во државата, да се искористи хидропотенцијалот и да имаме максимално производство на електрична енергија,” истакна министерот Спасовски.

„Меѓутоа, она што е исклучително важно, а за кое говорам е единството во енергетската криза. За да се постигне тоа, треба да се подигне нивото на самосвест и нивото на одговорност која што ја имаат политичките субјекти, а најмногу од сѐ носителите на највисоката законодавна власт, тоа се пратениците во Собранието“, потенцираше Спасовски.

„Ако прекинат да се блокираат Законот за задолжување во ЕБОР по исклучително поволни каматни стапки, Законот за нафта и нафтени деривати, Законот за енергетика и неговите измени, ќе дојде до нормализирање на целата состојба во државата и мерките за справување со кризата ќе бидат реализирани во целост“, посочи министерот Спасовски.

„Тоа се клучните работи – во време на криза или ќе направите максимум и ќе помогнете на државата, а со тоа и на граѓаните за да ја надминеме заеднички кризната состојба, или ќе опонирате за дневнополитички цели на сметка на државата и граѓаните“, порача министерот Спасовски.

Запрашан дали очекува нови опонирања од опозицијата, тој одговори: “Впрочем тоа се случува секој ден од страна на опозицијата во Собранието. Меѓутоа секој еден треба да го одговори тоа прашање – дали тие опонирања коишто ќе значат целосна блокада на решението на проблемот со кризата ќе може да добијат поддршка кај граѓаните? Верувајте, дека тоа нема да се случи. Јас разбирам дека може да се изнајдат илјада прашања во политиката или во општественото живеење за коишто можеме да имаме различни ставови и тие ставови да ги кажеме јавно и да добиеме поддржувачи во тој дел, меѓутоа да имате различен став од тоа што Владата вика: ‘Еве го концептот што го предлагаме за решение на овој проблем, а тоа решение треба да помине низ Парламентот’, а имате опозиција којашто вика:’Ништо нема да ви помине!’. Зошто?! ‘Затоа што сакам да направам дополнителна криза во државата’“, ѝ порача на опозицијата министерот Спасовски.