СПАСОВСКИ ВО ИНТЕРВЈУ ЗА МАКФАКС : ЗАБРАНЕТО Е ВРАБОТЕН ВО МВР ДА ЧЛЕНУВА ВО ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА, ТИЕ ЕДИНСТВЕНО МОРААТ ДА ИМ СЛУЖАТ НА ГРАЃАНИТЕ

0
559

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во денешното интервју за МАКФАКС студио се осврна и на реформите и реализираните проекти во МВР, запрашан за барањата што ги упатуваат разните гранкови синдикати. Потсетувајќи на периодот во 2015 година, кога новинарите беа секојдневно прислушкувани и им се правеше притисок за секој кажан збор, тој рече:

„Ја направивме најголемата реформа која што и вие можете да ја почувствувате. А за се’ она што сме направиле во изминатите години ние објавивме монографија, книга ‘МВР за граѓаните 2017 – 2022′. Ние имаме еден репрезентативен синдикат, тоа е Македонскиот полициски синдикат. Така стојат работите и со него преговараме за сите значајни прашања. Со другите имаме дијалог за едно или друго прашање, ги слушаме и нивните ставови и мислења и на крајот се носат одлуките. Е сега, имате синдикална битка во која што секој од нив сака да придобие што повеќе членови.

И јас таа битка им ја препуштам на синдикатите“, посочи Спасовски, додавајќи дека најголем дел од прашањата кои што овие синдикати ги покренуваат во јавноста, се прашања се’ со цел да се додворат на потенцијалното членство. Притоа, Спасовски посочи два примери кои во последните 10 дена беа објавени како предлози од некои од тие синдикати. Еден од нив, што веднаш беше демантиран, беше дека новите 590 полициски службеници немаат униформи, па тој синдикат ги повика вработените да донираат по некој дел од униформа за да им се даде на колегите. Притоа, нагласи министерот, во магацинот има доволно униформи, тие веќе се делат по секторите за внатрешни работи, односно регионалните центри, така што за секој еден полициски службеник има нова униформа. Другата лажна вест, пак, потсети Спасовски, беше поврзана со продажба на одмаралиштата на МВР, како уште една небулоза како пример до каде оди таа синдикална битка.

„Можеме да зборуваме за 3 покачувања на плати 2018, 2019 и 2022 година по 5% за сите вработени во МВР. Ние можеме да зборуваме за 76 целосно реконструирани објекти, по најнови стандарди, во кои што работат полициските службеници или во кои што граѓаните ги остваруваат своите права. Можеме да разговараме за изградба на 2 нови круцијални објекти, а тоа е ИКТ Центарот во Прилеп, кој што е проект од 11 милиони евра и притоа е сменета целокупната информатичка инфраструктура на Министерството за внатрешни работи. Сега можеме преку тој систем компатибилно да разменуваме податоци и информации со сите институции во државата. Тука е и градбата на новиот Форензички центар, новата зграда која што исто така чини некаде околу 3 милиони евра финансиски средства, па многукратно зголемување на опремата која што е потребна за полициските службеници, набавка на униформи – над 10 милиони евра се потрошени во овој дел изминатите години, имајќи предвид дека до 2017, по 10, 12 или 15 години одредени единици немаа добиено ниту униформи, ниту чевли, ниту чизми, ниту друга потребна опрема за полициските службеници.

Па зголемување на платите за 30% во Одделот за информатика и телекомуникации и во делот на сајбер безбедноста итн. Тоа се работи кои што се многу лесно проверливи; сертифицирање на нашиот Центар за обука заедно со САД, многу, многу работи кои што сме ги направиле во делот на реформските приоритети. Новиот колективен договор има многу новини кои што досега не ги имале полициските службеници како придобивки. И тоа само говори за една постојана комуникација, дебата со репрезентативниот синдикат, но и комуникација со вработените заради тоа што имате и вработени кои што не припаѓаат на ниту еден синдикат и тие не смеат да бидат запоставени, па и нивното мислење треба да се слушне. Од друга страна, мора да се чујат и мислењата на граѓаните“, подвлече Спасовски, потсетувајќи на набавените боди камери за сите полициски службеници на граничните премини, но и на фактот што до 2017 година во цела држава имаше само 10 радари за мерење на брзината и седум дрегери за алкотестирање, а денеска полицијата има над 160 радари од кои 50 се за ноќно снимање, и тоа за првпат во 30 години, како и над 60 дрегери за алкотестирање.

„Самото тоа говори дека капацитетот на институцијата јакне и односот во делот на сообраќајот навистина е зајакнат. Во 2013 година имате 198 жртви на патиштата низ Северна Македонија, а 2021 ние ја завршивме со 114 жртви. Тоа е сериозно намалување“, истакна Спасовски.

Запрашан дали има партиски вработувања во МВР, министерот потсети на промените направени во таа насока во Законот за внатрешни работи и Законот за полиција:

„Уште од самиот старт реков дека имам три главни приоритети во работењето на МВР. Тоа е департизацијата на институцијата, второ е професионализацијата и трето е декриминализацијата на институцијата. И тогаш можеби, во 2017 година, се запрашуваа зошто сите овие постулати ги наведуваме, а имаше сериозни причини во овој дел. Кога зборуваме за департизацијата, во Законот за внатрешни работи и Законот за полиција се направени крупни измени во тој процес. Таму е ставена забрана за членување во политичка партија на било кој вработен во Министерството за внатрешни работи“, рече Спасовски, потсетувајќи на иницијативата од страна на опозицијата дека тоа не е уставно, што од страна на Уставниот суд не беше земено предвид.

Министерот Спасовски ја искористи можноста уште еднаш да го истакне своето уверување дека вработените во безбедносниот сектор не смеат да членуваат во политички партии.

„Тие единствено мораат да им служат на граѓаните заради тоа што тие се тука за да ги остварат нивните права. Тие кои што се вработени во Министерство за внатрешни работи низ годините наназад, без разлика која владејачка гарнитура била на власт, тие не можат да делуваат во интерес на партијата и треба да го заборавиме тоа време во кое едната сала ќе биде штабот на партијата, а друга сала ќе биде место за пречек на странските дипломати; или да заборавиме дека сите ресурси на МВР можеме да ги користиме во партиски битки. Така што ако ги погледнете годините наназад изборните процеси кои што ги спроведе МВР под мое водство ќе видите дека од година во година има се’ помалку инциденти, кривични дела кои што се однесуваат на изборните резултати. Тоа значи дека вработените во МВР служат единствено на граѓаните“, нагласи Спасовски.