СО ФИЛИПЧЕ НЕМА ИГРАЧКА: ЌЕ ГО РАЗРЕШАМ ЗИБЕРИ УШТЕ ДЕНЕСКА, НЕГОВАТА ИЗЈАВА ЗА ОТВАРАЊЕТО НА ГРАНИЦИТЕ Е НЕДОЛИЧНА ЗА ДОКТОР И ЗА ДИРЕКТОР, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

0
799

Директорот на Центарот за јавно здравје Зибери е втор на листата на кандидати за пратеници на ДУИ во првата изборна единица и роднина на Насер Зибери, кандидатот на ДУИ за премиер – Филипче и Зибери (фото: СДК.МК)

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека се консултира со правни лица и доколку може, уште денес ќе биде разрешен директорот на Центарот за јавно здравје, Арбен Зибери, откако тој се пофали дека како член на Комисијата за заразни болести помогнал да се отворат границите без протоколите препорачани од Светската здравствена организација за да дојдат иселениците да гласаат за премиер Албанец.

„Прво тоа не вистина, Зибери не е член на Комисијата за заразни болести. Сметам дека тоа е евтина и лоша реторика во предизборна кампања. Ваква одлука не доликува на доктор, а посебно не на директор на таква институција“, рече Филипче на прес-конференцијата.

Директорот на Центарот за јавно здравје Зибери е втор на листата на кандидати за пратеници на ДУИ во првата изборна единица и роднина  на Насер Зибери, кандидатот на ДУИ за премиер. Тој по професија е лекар по општа пракса.

Како директор на Центарот за јавно здравје кој е меѓу најоптеретените здравствени институции во коронакризата, тој на Фејсбук напиша и дека укинувањето на задолжителноти тестирање при влез во земјата и 14-дневната изолација е направено благодарение на придонесот на ДУИ во здравствените политики на владата.

„Добредојдовте иселеници. Родното место ве чека. Сега можете да си дојдете дома без тестови и 14-дневна изолација, благодарение на нашиот придонес во здравствените политики на владата. Јас како член на Комисијата за заразни болести и другите членови помогнавме да се отворат границите и луѓето да се движат слободно без протоколите препорачани од СЗО. Зошто да не, дојдете дома за Албанец премиер“, напиша Зибери на својот фејсбук профил