Со помош на државни институции им украле имот од милион евра!?

0
1266

Братот и сестрата Грана Богдановска и Јовица Стоилковски од Куманово, пред 15 години се израдувале дека се единствени наследници на дедовиот имот вреден еден милион евра. Но, кога почнале со постапка за денационализација на земјиштето, дознале дека некој со релации во Судот и во Комисијата за денационализација ги искористил нивните документи и го приграбил имотот. Оттогаш почнува битката на наследниците со државните институции, кои наместо да ги заштитат, ѝ овозможиле на другата страна да го продаде имотот, кој до денес е неколкупати препродаден со цел да се искомплицира случајот и правдата да ја направи недостижна

На излезот од Куманово кон Свети Николе е лоцирана индустриската зона, во која се сместени десетици компании, производствени погони, стоваришта, магацини… Забележливо е дека индустријата на периферијата на Куманово полека зема замав и дека тука цената на квадрат земјиште постојано расте. Ако пред десетина години сопствениците на земја ја продавале за 10 до 20 евра на првите што решиле да ризикуваат со отворање бизнис, сега квадрат на кој може да се изгради индустриски капацитет, со оглед дека земјиштето е градежно, достигнува и до 60 евра. Како што се зголемува интересот на бизнисмените така се зголемува и цената.

Многумина сопственици што имаат имоти на излезот од Куманово, а притоа немаат капацитет или услови за отворање погон, фабрика или некаква фирма, се решаваат да ги продадат, зашто на тој начин можат добро да заработат.

Последниот сопственик што продал нива од само две илјади квадрати, пренесуваат тамошните жители, заработил над 100 илјади евра. Голем дел од сопствениците ги наследиле имотите од предците, има граѓани што успеале преку процесот на денационализација да си ги повратат парцелите, но, секако, за да биде состојбата во Македонија уникатна во секоја смисла, има и такви сопственици кои 15 години, иако тврдат дека се наследници на имот и дека според Законот за денационализација земјиштето треба да им припадни ним, сепак не стопанисуваат со него, односно се жалат дека локални моќници им го узурпирале и го управуваат без соодветна документација!?

Грозде Богдановски од Куманово постојано го посетува имотот на својата сопругаГрана, која заедно со нејзиниот брат Јовица Стоилковски, според документацијата што ја приложуваат, се единствени наследници на имот од 16 илјади квадрати во индустрискиот реон на Куманово. Во поглед кон земјиштето, тој ја крие сета горчина создадена од државните институции и од поединци кои им го узурпирале имотот и ги спречиле преку постапката за денационализација да бидат сопственици, иако имотот, како што тврдат, е нивна сопственост, а Грана и Јовица се единствените наследници.

Како се случило сопствениците, наместо преку денационализација да го добијат земјиштето, некој да им го одземе, да го препродава и да прави профит? Според верзијата на Богдановски, поткрепена со документација од надлежни институции, локални моќници во координација со членови на Комисијата за денационализација, судии од кумановскиот суд, вработени во Катастарот за недвижности и во Министерството за транспорт и врски го приграбиле имотот и му ја доделиле сопственоста на жител на Куманово, подалечен роднина на Грана и Јовица, кој според ниту еден документ не може да биде наследник на имотот, а уште помалку сопственик преку денационализација. Но, ако се знае дека имотот според пазарната цена е вреден еден милион евра, сѐ е можно. Затоа, тврдат тие, нивниот роднина ги искористил релациите со локалните функционери кои му овозможиле да го земе имотот, иако немал документи да ја потврди сопственоста. Тврдат дека тој документите ги обезбедувал токму преку институциите, кои требало да застанат на страна на наследниците.

ИСТИТЕ ДОКУМЕНТИ ГИ ИМАЛЕ ДВЕТЕ СТРАНИ

Кога бил објавен Законот за денационализација, во 2000 година, братот и сестрата поднеле апликација да им се овозможи сопственост врз земјиштето, погодно за изградба на индустриски капацитети. Кога ја поднеле документацијата мислеле дека постапката ќе оди лесно оти верувале дека ги исполнуваат условите и дека нема да им се појават пречки. Грана и Јовица се понадевале дека конечно ќе им се промени животот затоа што знаеле дека земјиштето кое ќе го наследат е вредно милиони, особено што е лоцирано во зоната која последната деценија е атрактивна за финансиски силните бизнисмени.

При аплицирањето, Богдановски до Комисијата за денационализација доставиле тапија(имотен лист) дека имотот пред национализацијата бил на нивните предци. За да потврдат дека имотот бил одземен од државата поднеле и Акт за одземање имот од страна на поранешната држава Југославија, затоа што и тој документ бил неопходен. Деновите кога ја поднеле апликацијата им недостасувало само решение за единствени наследници, односно документ со кој ќе се потврди дека Грана и Јовица се внуците на кои им припаѓа имотното наследство. Но, за неколку месеци успеале да спроведат оставинска постапка и со судска пресуда да се потврди дека братот и сестрата се единствени наследници на имотите. Таквата пресуда, исто така, ѝ ја предале на Комисијата за денационализација. Во таква ситуација, ако членовите на комисијата имаат тапија, акт за одземен имот, судско решение за наследство и сознание дека никој не покренал постапка да го оспори тоа, тогаш за неколку дена комисијата можела да одлучи и да го денационализира земјиштето.

Но, иако очекувале дека конечно ќе завладеат со имотот, се изненадиле кога дознале дека имотите во таа околина на многумина им биле вратени – денационализирани, а за нивното досие и по две години нема решение. Вознемирени од сознанието дека наместо да им се реши, предметот останал во архивата на Комисија за денационализација, семејството Богдановски губи доверба и отвора фронт со институциите за да го добие тоа што практично му следува. Не очекувале дека таа битка ќе трае со години и дека на крајот ќе бидат поразени.

– Кога мислевме дека конечно ја имаме целата неопходна документација и дека нема никаков спор за нашето земјиште, се соочивме со нејасна и криминална ситуација. По неколку години застој во спроведувањето на денационализацијата отидовме да прашаме зошто нашиот предмет не е решен и зошто, како и на другите граѓани, не ни е даден имотот. Се запрепастивме кога слушнавме дека паралелно со нас, но секако подоцна, апликација за истиот имот поднел и Кирил Мишевски, наш роднина кој сега е починат иако тој немал никакво право на тоа. Уште пострашно ни прозвуче информацијата дека наспроти нашиот предмет кој е оставен на страна, нему му е доделена сопственоста на имотот вреден еден милион евра – коментира брачната двојка Богдановски.

На вистинските наследници на имотот, како што пренесуваат, им станало нејасно како е можно нивниот роднина да ги поседува неопходните документи за денационализација – пресуда за наследство, акт за одземен имот од државата и тапија, кои Богдановски ги имале во оригинална верзија и кои, како што пренесуваат, освен нив не можел да ги поседува и некој друг. Тогаш се посомневале дека апликацијата е направена со фалсификувани документи.

– Кога во Комисијата за денационализација побаравме да видиме врз основа на кои документи имотот му е предаден на друго лице, а не на наследниците увидовме дека тоа практично се нашите документи само со изменети податоци. Тоа беше доказ дека некој на Мишевски му овозможил пристап до нашата документација за потоа тој да ја искористи во постапката за денационализација. Факт беше дека ниту еден негов документ не е оригинален, туку сите му се во копија и тоа го знаат сите надлежни, а тоа што беше најкарактеристично е дека, на пример, на Актот за одземен имот од државата беше изменето само едно бројче, а сите други податоци ни биле украдени. Со тоа стана очигледно дека некој од комисијата му овозможил на нашиот роднина да си го протурка предметот, иако немал ниту еден оригинален документ – разочарана од институциите, пренесува Грана Богдановска.

По ова очигледно станало зошто неколку години комисијата молчела за предметот на Богдановски. Таа веќе му го доделила на друг, па најлесно било да го сокрие досието. Инаку, Мишевски поседувал наследно решение, но за друг имот, а при денационализацијата комисијата го опфатила и делот што практично им припаѓа на братот и сестрата, неговите роднини.

ПРЕСУДИТЕ НА СУДОТ ВО КУМАНОВО

Соочени со новонастанатата ситуација и измамени од Комисијата за денационализација, Богдановски очекувале дека другите институции ќе се однесуваат според правото и дека ќе се надмине недоследноста во спроведувањето на законот, но очекувале и да бидат казнети оние за кои ќе се утврди дека постапиле противзаконски. Само што го примил решението за денационализација, Мишевски, односно неговите потомци, почнале да го продаваат имотот. Тоа за Богдановски е знак дека нивните роднини знаеле дека имотот е спорен и дека други се вистинските наследници и затоа одлучиле за кратко време да го продадат.

Затоа, во обид да го спречат продавањето на имотот, Богдановски поднеле тужба за поништување на наследното решение на нивниот конкурент и предложиле привремена мерка со која ќе се забрани отуѓување и оптоварување на имотот за кој се уште се водела постапка. Судот во Куманово делумно го прифатил нивното барање и одлучил дека не сите 16, туку само 8 илјади квадрати им припаѓаат со задолжување да им бидат отстапени. Но, тука се појавува друга пречка. Катастарот не сакал да им ги впише тие квадрати затоа што во документот на судот не било јасно дефинирано за кои осум илјади квадрати од вкупната површина станува збор.

Богдановска и Стоилковски се обиделе со уште една тужба да ја докажат вистината, но тогаш судот ги одбил со образложение дека случајот е пресуден. Инаку, Мишевски успеал во Катастарот да ги впише своите податоци како наследник и сопственик на земјиштето за што Богдановски се сомневаат дека е направено противзаконски со искористување на вработените. Згора на тоа, Богдановски тврдат дека и судот, како и комисијата, му овозможиле пристап на Мишевски до документите, односно му дозволиле да ги добие нивните наследни решенија кои ги користел како свои.

– Откако не успеавме да издејствуваме правда и преку судот, односно кога видовме дека и таму судиите се вмешани во манипулациите со имотот, заминавме на терен. Таму, на фирмите кои купиле парцели од спорното земјиште, им укажавме дека имотот е наш и дека се води судски спор и дека тие му платиле пари на погрешен сопственик. Тие се направија дека се изненадени, иако е можно и некој од нив да е вмешан во целата ујдурма. И само што ги известивме, тие за неколку дена го препродадоа имотот на други компании и така случајот уште повеќе се искомплицира. Потоа, по една година, кога некако успеавме судот да го принудиме да издаде привремена мерка за забрана на продажба на имотот, целиот беше неколкупати препродаден, а со тоа беше и отежната нашата потрага по вистината– раскажува Богдановска.

Практично, со неколкуте препродавања на имотот е направена конфузија, па сега дури и да сакаат надлежните да ја откријат вистината и имотот да им го доделат на вистинските сопственици, тоа ќе оди тешко, па може и да е веќе неверојатно да се направи. Но затоа, пак, постои можност со отштета да им се врати тоа што го загубиле Богдановска и Стоилковски. Но, станува збор за голема сума и прашање е дали некој во судот би се осмелил да пресуди отштета од еден милион евра за имотот и дополнителни пари за загубите кои наследниците ги претрпеле изминатите 15 години како последица на тоа што не ја поседувале земјата. Без оглед што документацијата и правдата, според она што го велат, е на нивна страна. Ако судот го стори тоа, ќе мора да признае дека институциите затаиле, односно дека незаконски попречиле сопствениците да управуваат со својот имот.

КРИВИЧНИТЕ ПРИЈАВИ ВО ПРАЗНО

По нивната неуспешна правна битка и сознанието дека постои цела мрежа на инволвирани во решавањето на судбината на земјиштето, наследниците решиле да ги гонат сите што имале допир со предметот, а притоа не постапиле според законот, односно, според нив, заштитувале лице на кое без право на наследство и без документи му овозможиле да го добие имотот. Во 2008 година поднесени се кривични пријави за судиите М.М и С.И. кои биле ангажирани во граѓанските парници во судот во Куманово и против членовите на Комисијата за денационализација. Сите се пријавени за злоупотреба на службената положба и овластување.

Со оглед дека една од тужбите со предлог привремена мерка за забрана за отуѓување и оптоварување на спорниот имот била поднесена во октомври 2005 година, а судот постапил дури во август 2006 година, и така судијата кој постапувал по предметот му овозможил на тужениот во период од десет месеци да го оттуѓува имотот за кој се води постапка и со тоа да го осуети побарувањето на наследниците, тие сметаат дека се содржани битните елементи на кривичното дело.

Еден од судиите, С.И. донел Решение за наследување со кое Кирил Мишевски наследил имот кој веќе бил наследен од Грана Богдановска и Јовица Стоилковски. Со тоа исто така е исполнето битието на кривичното дело. Наследниците на имотот ова го нарекуваат злосторничко здружение, затоа што има десетина вмешани од неколку државни институции. Најстрашното е тоа што против нив немаат како да се борат затоа што самите институции ги штитат вработените. Затоа ваквите пријави тешко поминуваат и се отфрлаат.

Во немоќ и незнаење како понатаму, Богдановски го пријавиле случајот и во Транспаренси интернешнел, со надеж дека ќе ја анимираат јавноста и нешто ќе се промени во случајот. Од организацијата, која е во постојана битка против корупцијата, изразуваат сомнеж дека е можно и адвокатот на Богдановски лошо да ја водел постапката, оти праксата во вакви случаи покажува дека многупати и тоа било причина за пораз на праведните, па дури имало и случаи кога адвокатот на оштетените бил поврзан со другата страна само за да се забошоти случајот и да им се овозможи профит на посилните.

Ова е уште една сторија за тоа како врските на поединци со вработени во институциите, кои треба да ги штитат граѓаните, можат да решаваат човечки судбини, а оштетените никако да не можат да ја докажат правдата без оглед колку е таа на нивна страна. Оттаму, во Македонија пријавувачите на кривични дела сѐ уште немаат соодветен третман, а следствено на тоа и натаму трпат последици, како што покажува и случајот на Богдановски. Наместо надлежните да трагаат по административците кои не го спроведуваат законот, тие прават сѐ да ги спречат граѓаните да го остварат своето право.

Рамка

И ГЕОДЕТСКОТО ВЕШТАЧЕЊЕ БИЛО ЗАЛУДНО

Во текот на судските спорови било направено и вештачење во Геодетскиот завод во Скопје кое потврдило дека Актот за одземање на земјиштето од страна на државата бил на име на таткото на Грана Богдановска и Јовица Стоилковски и на ниту едно друго лице. Според наодот, никој друг не можел да направи денационализација на земјиштето освен братот и сестрата. Но, токму тие тоа не можат да го направат 15 години затоа што некој им застанал на патот. Дополнително, со вештачењето било констатирано дека предците на Мишевски одамна, уште во 60-тите години на минатиот век и го предале земјиштето на државата и за тоа добиле земја на друга локација.

Рамка

ВРХОВНИОТ СУД ПРЕСУДИЛ ДЕКА ОБИЧЕН И ЈАСЕН СПОР ТРАЕ ПРЕДОЛГО

Случајот со земјиштето отворил неколку судски спорови. Тие оделе од првостепениот суд во Куманово, до Апелацискиот во Скопје, а еден спор стигнал и до Врховниот. Тој суд констатирал дека случајот со денационализацијата е јасен и едноставен и немало потреба да трае десетина години. Но, токму одолжувањето на целиот случај придонело неколкумина да профитираат и да направат конфузија со земјиштето, а притоа сопствениците да не знаат каде да се обратат и како да ја истераат правдата.

Рамка

МИШЕВСКИ: ИМОТОТ Е МОЈ И ТОА Е ЗАВРШЕНО

Синот на Кирил МишевскиЧаслав, со кого успеавме да зборуваме по телефон, тврди дека Богдановска и Стоилковски немаат никаков имот во околината на Куманово, односно дека тоа земјиште не е на нивниот дедо.

– Ние се тужиме повеќе од 10 години и цело време правдата и пресудите на сите можни судови се на моја страна. Иако во моментов не можам да ви ги покажам, ама јас ги поседувам истите документи со кои се потврдува дека јас сум наследник на имотот. Не е точно дека имало местенки и дека некој е потплатен, особено не судиите, затоа што од каде јас сум можел да го местам предметот? Тој случај, да знаете дека конечно е завршен. Само ќе укажам дека нивните предци немале никаков имот таму и затоа за мене ова е крај на приказната. Моите роднини немаат право веќе ниту да тужат, ниту да покренат некоја постапка и сега им останува само да одат по организации и по новинари и да зборуваат за случајот. Исто така, катастарски ми е заведен имотот и поголем дел ми стои непродаден. Уште во 1952 година тој имот е поделен и одредени се наследниците и не знам сега што понатаму сакаат Грана и Јовица. Едно е јасно, јас не сум зел ничиј имот затоа што тоа место отсекогаш било мое, а тие нека прават што сакаат. Навистина не знам што бараат од мене и до кога ќе настојуваат да се прикажуваат како наследници со оглед дека мене државните институции ми го доделија земјиштето – ни изјави Часлав Мишевски.

Пишува Љубиша АРСИЌ

Whistleblowers-HORIZONTALNO-LOGO-KOLOR-RGB-540x143

Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија.

Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.