СО БУГАРИЈА ГОВОРИМЕ ДВА СЛИЧНИ, НО РАЗЛИЧНИ И МЕЃУНАРОДНО ПРИЗНАТИ ЈАЗИЦИ, Ѝ ОДГОВОРИ ЗАЕВ НА МИЗРАХИ

0
657

Заев од собраниската говорница кажа дека оваа влада никогаш не преговарала за јазикот и идентитетот, па ниту сега, а поради квазипатриотизмот на ВМРО-ДПМНЕ земјава тапкала во место. (Фото: СДК.МК)

Премиерот Зоран Заев во Собранието во одговор на пратеничко прашање кажа дека во португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија има одредба за јазикот која гласи „говориме два слични, но различни и меѓународно признати јазици“. Одговорот на Заев следеше по прашањето на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи која побара од премиерот да го прочита пред јавноста предлогот со кој минатата недела отиде на средби во Софија.

„Барам тука пред сите нас да го прочитате предлогот, целиот од почеток до крај, не да го парафрзирате како што знаете. Ако немате намера да го направите тоа воопшто не излегувајте на говорницава, доста ми е од вашите говори“, му рече Мизрахи на Заев.

Заев од собраниската говорница кажа дека оваа влада никогаш не преговарала за јазикот и идентитетот, па ниту сега, а поради квазипатриотизмот на ВМРО-ДПМНЕ земјава тапкала и тапка во место.

„Не ни треба Европската унија ако некој воопшто збори за јазикот и идентитетот. Во Софија разговаравме за патоказотот кој стои во португалскиот предлог. Во тој патоказ се опишани сите облици на соработка, со датуми, како што е изградба на патна инфраструктура, отворање гранични премини и други облици на соработка. Во однос на јазикот стои дека говориме два слични, но различни и меѓународно признати јазици. Ние сличен јазик имаме и со Србите, Хрватите и други словенски народи. Во предлогот исто така стои акито да биде на македонски јазик“, рече Заев.

Премиерот и покрај ветото на Бугарија верува дека може да се најде решение за спорот. Рече дека после изборите во Бугарија и формирањето на влада верува дека ќе продолжат преговорите за изнаоѓање заедничко решение.