Софија се заканува: Северна Македонија да престане да се претставува како жртва во Брисел

0
1416

„Доколку Скопје не ја смени тактиката и не направи сериозни отстапки во однос на споровите со Софија, станува се поверојатно дека ќе се стави кочница на патот кон ЕУ“, велат неименувани дипломатски извори од Софија за порталот Медиапул.

„Бугарија ќе настојува бугарските барања да бидат вклучени во преговарачката рамка на Северна Македонија и приемот да може да биде блокиран од Софија.”

„Притоа, се поверојатно е дека Бугарија нема да даде согласност за одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ”, дополнуваат оттаму.

И официјално Скопје и Софија деновиве го заоструваат речникот откако Бугарија продолжи да инсистира на компромис за историските спорови како услов за зелено светло за почеток на пристапните преговори.

„Во ситуација кога Бугарија има рамковна позиција на парламентот, прифатена со политички и национален консензус во 2019 година, владата нема избор и ќе ја сопре Северна Македонија, доколку таа не направи нешто суштински што ќе го откочи процесот”, коментираат дипломатски извори во Софија за порталот Медиапул (Меdiapool.bg).

Германската амбасадорка во Северна Македонија Анке Холштајн, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, денеска порача дека останува оптимист дека ќе се одржи меѓувладината конференција во декември, но и дека „билатералните прашања треба да се решаваат билатерално”.

Од друга страна, Софија инсистира нејзините барања да бидат вклучени во преговарачката рамка.

„До 10 ноември останува малку време и Скопје треба да си го ревидира досегашното поведение и да преземе реални чекори. Наместо тоа, Северна Македонија ги насочи своите напори да се претставува како жртва во Брисел, без да прави ништо за расчистување на билатералните односи”, оценуваат бугарски дипломати.

Според тие извори, прашањето е каква тактика ќе изберат Македонците и дали ќе сфатат дека нештата се многу сериозни и дека од нив се очекуваат сериозни дејства.

Авторот на текстот понатаму наведува дека ЕУ нема многу лостови со кои може да ја принуди Софија да направи отстапки, затоа што залогот е преголем. Но, наведува Медиапул, премиерот Бојко Борисов е способен за нагли промени во неговата позиција.

Се очекува темата одново да биде отворена за време на посетата на македонскиот премиер Зоран Заев во првата недела од ноември на Софија. Заев вчера, а пред него и други водечки државни функционери, порача дека доколку земјата не ги почне преговорите со ЕУ во декември, тоа ќе значи дека „се барало нешто неприфатливо“.