СОС Детско село го одбележува Меѓународниот ден на дoнаторството

0
949

Да бидеме добротворни во текот на целата година

Денес, додека светот го слави Меѓународниот ден на донаторството, сакаме да им се заблагодариме на нашите донатори, партнери и поддржувачи кои ја помагаат нашата работа и хумана мисија, ставајќи го СОС Детско село на врвот на хуманитарни организации кои се грижат и обезбедуваат сигурна иднина за децата и младите без родители и родителска грижа.

Хуманата работа, мисија и визија на СОС Детско село е препознатлива ширум светот и токму тоа придонесува идејата за грижа на децата и младите на кои тоа им е најпотребно да опстојува повеќе од 70 години, а во нашата земја, веќе 19 години. Сето ова не би било возможно без нашите донатори, поддржувачи, партнери, без нашите СОС пријатели.

Oд 2012 година, секој 5-ти Септември се чествува смртта на Мајка Тереза, ден кој Обединетите Нации го прогласија за Меѓународен ден на добротворство.

„Ние, од СОС Детското село, ги повикуваме сите граѓани да го одбележиме 5ти Септември со симболичен добар гест или помош кон најблиските и кон најранливите, но и да бидеме добрии епматични луѓе во текот на целата година, бидејќи многумина од нас имаат потреба од помош, а таа може да се даде на најразлични начини. Нашата организација СОС Детско село, благодарение на поддршката на многу добри луѓе кои ја разбираат важноста на давањето, солидарноста, алтруизмот и општествената одговорност, успеваме да ја пренасочиме таа помош на оние на кои им е најпотребна – тоа се деца без родители и родителска грижа, семејства кои живеат во високи социјални ризици и нивните деца кои се во ризик да ја изгубат родителската грижа“ – истакна Јулијана Гапо, Национален директор за Северна Македонија.

Во знак на одбележување на Меѓународниот ден на донаторството, а во чест на Мајка Тереза, децата и младите од СОС Детско село, денес ќе зборуваат и научат повеќе за хуманата мисија и добротворството на оваа наша сограѓанка. Посакуваме и тие кога ќе пораснат и ќе се осамостојат, да придонесуваат во заедницата и да бидат општествено одговорни индивидуи на едно подобро и похумано општество. Да ја разберат, но и применуваат мудроста на Мајка Тереза која вели: „Доколку не можете да нахраните стотици луѓе, нахранете еден човек“.

Овој ден има цел да придонесе во зајакнување на социјалната одговорност ширум светот, да ја подигне свеста за филантропија и донаторство кај секој поединец и да помогне таму каде што е најпотребно. Затоа денес, во името на децата, младите и семејствата за кои се грижиме, сакаме да им се заблагодариме на сите граѓани, пријатели, организации, институции и компании кои ја поддржуваат нашата работа и ни помагаат заеднички да ја остваруваме нашата заложба ’’НИТУ ЕДНО ДЕТЕ ДА НЕ РАСТЕ САМО .