Советот за етика во медиумите се откажa од владиниот грант

0
698

Советот за етика во медиумите Македонија се откажа од владиниот грант кој го добил во рамки на владината поддршка за здруженија и фондации за мерки за справување со Ковид-19 кризата.

Причината за отстапувањето се закажаните парламентарни избори во државава и оваа организација целиот потенцијал ќе го насочи кон активно следење медиумската сфера, што е нивна примарна функција.

-Поради закажаните парламентарни избори во државата, непосредно по завршувањето на конкурсот за доделување финансиска помош, СЕММ одлучи сиот свој потенцијал да го насочи кон активно следење на состојбите во медиумската сфера и набљудување на степенот на почитување на слободата на изразување, што е приоритетна сфера на делување на нашата организација. Од тие причини, сметаме дека во овој момент СЕММ треба да остане настрана од оваа акција за финансиска поддршка на дел од невладиниот сектор во рамките на настојувањата за борба против коронавирусот.

СЕММ потенцира дека, како здружение на граѓани, ја поддржува Стратегијата за соработка на државата со граѓанскиот сектор, сметајќи дека взаемното дејствување е неопходно во промовирањето и градењето демократска култура и социјална кохезија на сите општествени нивоа, а особено во справувањето со тековните предизвици и проблеми, како што во случајов е пандемијата со коронавирусот. Во ова чувствително предизборно време СЕММ останува доследен на својата примарна функција – грижата за негување на професионалните и на етичките новинарски и медиумски стандарди, соопштуваат од невладината.

Тие испратиле официјален допис до Генералниот секретаријат на Владата на 14 јуни 2020, пред официјалното објавување на информацијата за доделените средства на здруженијата на граѓани.