СКАНДАЛОЗНО ОДНЕСУВАЊЕ НА РЕЖИМОТ: Без обдукција на загинатите во поплавата прекршени се меѓународните протоколи

0
1175

Министерството за внатрешни работи соопшти дека на поплавените подрачја пронашле и идентификувале 21 починато лице. Но за ниедно од овие лица не е направена обдукција ниту пак се знае како била извршена идентификацијата на телата, со што се прекршени меѓународните протоколи за масовни несреќи.

„По извршениот претрес на терен, а по претходно договорена динамика за работење, од страна на екипите на терен, а во согласност со насоките од дежурен јавен обвинител за подрачјето на Град Скопје, екипа во состав од ЕУМНА, крим полиција-насилен криминал и тим од погребално Бутел. беа пронајдени и идентификувани 21 починато лице сите македонски државјании, а сите се пронајдени на подрачје на општина Гази Баба“, се вели во официјалното соопштение од МВР

Институтот за судка медицина и криминалистика е институцијата каде жртвите треба да бидат пренесени и да се направи обдукација, но тоа не беше случај жртвите од поплавите во скопскиот регион.

„Препознавањето на жртвите не може да биде единствена и сигурна метода. За секое тело мора да има причина за смрт утврдена со обдукција. Се другото е импровизација“ велат од Институтот за Судска медицина за „Телма“.

АД „Бутел“ бара од надлежен државен орган да издаде документ за причините на смртта на 14-те тела кои се згрижени во капелите за да може да им ги предаде на семејствата за погреб, објави „Плусинфо“.

Оваа процедура се бара поради тоа што телата се донесени во Бутел со усна наредба на јавното обвинителство и без документи за околностите во кои настапила смртта. Без ваков документ не ќе може починатото лице да се внесе во Изводот на книгата на умрените во МВР. Ниту еден од овие 14 лица нема да биде погребан на градските гробишта Бутел. Телата, пак, на седум загинати, семејствата си ги земале од самото место каде што биле најдени.

Од Основното јавно обвинителство пак велат дека немаат ингеренции да постапуваат во услови на елементарни непогоди и во случаи каде нема сомнение за сторено кривично дело.
„Според Законот за кривична постапка. преглед и обдукција на леш ќе се преземе кога постои сомневање дека смртта е предизвикана со кривично дело. Со оглед на тоа што во случајот не постоеше сомнение за сторено кривично дело, надлежен јавен обвинител не издаде наредба за обдукција туку даде насока телата на починатите да се однесат во капелата во Бутел за идентификација и потоа да се предадат на семејствата за погреб. Секако, според насоките дадени од јавниот обвинител, за секоја спорна смрт и за лица на кои не може да се утврди идентитетот дополнително ќе се изврши обдукција“, соопштија од ОЈО.

Професорката Мирјана Најчевска на својот фејсбук-профил вели дека обдукција на телата морало да има, за да се види дали може да се утврдат пропусти во делувањето на државата, за да не се случи некој да искористи и да си убие некого и да го подметне како жртва на невремето и за да не дојде до кражба односно замена на идентитети.

Извор: Мета