СИТЕ ШТО ГЛАСАВМЕ ЗА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР ИМАМЕ УДЕЛ ВО ОВА ШТО СЕ СЛУЧУВА СО МПЦ, ВЕЛАТ ОСУМТЕ ПРАТЕНИЦИ ОД ОПОЗИЦИЈАТА ШТО ГЛАСАА ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ

0
793

Во низата честитки кои стигнаа до адресата на МПЦ-ОА по признавањето на нејзината автокефалност, со честитка се огласи и групата од осумте пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои во 2018 година гласаа за уставните промени, односно за промена на уставното име на земјава.

Оттаму ја честитаат одлуката за автокефалност на МПЦ-ОА и велат оти сите тие кои гласале „за“ Преспанскиот договор имаат удел во она што се случува денес, додавајќи оти за вакви победи вредела секоја жртва.

„Овој сон конечно станува реалност и денешниот голем празник Св.Кирил и Методиј ќе го паметиме како историскиза православието и македонскиот идентитет. Сите ние со гласот ЗА Преспанскиот договор имаме удел во ова што се случува денес и за вакви победи вредеше секоја жртва – стои во честитката од осумте пратеници.

Да се гледа кон иднината, додаваат оттаму, не е секогаш едноставно, но додаваат оти само храбри одлуки носат промени кои биле долгогодишна желба.

-Само признаена држава, гордо и еднакво исправена до своите меѓународни партнери може да биде успешна приказна. Задоволство е што ставивме уште едно делче во мозаикот на македонските победи. Да ни се множат убави вести и заедно да им се радуваме – додаваат оттаму.

Инаку, во групата од осумте пратеници кои ја испратија честитката до МПЦ-ОА за нејзината автекофалност, а кои преходно гласаа за уставната промена на името на земјава спаѓаат: Владанка Авировиќ, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Нола Исмајлоска Старова, Крсто Мукоски, Елизабета Канческа Милевска и Емилија Александрова.