СИНОТ НА АВТОРОТ НА ПЕСНАТА ,,АБЕ МАКЕДОНЧЕ” : НЕ СТАНУВА ЗБОР ЗА НИКАКВА ЦЕНЗУРА, ОРИГИНАЛНИОТ ТЕКСТ Е СО ,,ДУШМАНИ КЛЕТИ”

0
908

Како еден од наследниците на авторот на композицијата „А бре, Македонче“, Ордан Михајлоски-Оцка (автор на музиката, а заедно со Коле Чашуле и коавтор на текстот), чувствувам морална и професионална обврска да се јавам по повод изведбата на оваа химна на партизанското движење, на чествувањето на државниот празник 11 Октомври, во Куманово.

Низ медиумите и социјалните мрежи се крена голема врева заради тоа што хорот го испеал стихот „душманите клети“, што потоа се толкуваше како цензурирање на текстот и замена на стихот „клетите фашисти“. Гневот на дел од неупатената јавност се истури врз колегите изведувачи и Националната опера и балет, со директни обвинувања дека некој оттаму, по нечија директива намерно цензурирал. А, вистината е сосема поинаква. Не станува збор за никаква цензура.

Изведен е хорски аранжман на „А бре, Македонче“, направен од еден од најмаркантните и најзначајни личности заслужни за развојот на хорската музика во Македонија во втората половина на ХХ век, професорот Драган Шуплевски. Шуплевски, аранжманот го направил во доцните седумдесетти години на минатиот век и оттогаш, па наваму, овој аранжман, со овие стихови е изведуван од речиси сите хорови во Македонија. И, тоа никогаш не претставувало проблем. Да, заради акцентирањето и метричкото усогласување, Шуплевски направил мали измени, заради кои, денес се крена дел од јавноста. Но, во периодот кога Шуплевски го правел аранжманот, композицијата била третирана како народна (авторските права се признати дури во 1990 година) и дотогаш, се појавуваат три верзии на овој „спорен“ стиих. Тоа се „денешните тирани“, „клетите фашисти“ и „клетите душмани“.