Синдикатот на македонската дипломатија: Целосна деградација на дипломатската служба

0
967

За актуелните состојби во македонското Министерството за надворешни работи денеска до јавноста и министерот Попоски се обрати Синдикатот на македонската дипломатија .

Интегрално Ви го пренесуваме писмото:

MNR_20141015104922

1. ЦЕЛОСНА ДЕГРАДАЦИЈА НА МИНИСТЕРСТВОТО

Најеклатантна илустрација: во 2007 година буџетот на МНР изнесуваше околу 20,2 милиони евра; за 2015 година околу 18,8 милиони евра. Ако се има предвид зголемувањето на бројот на вработените – тоа објективно значи намалување од околу 3 милиони евра. Функцијата на Министерството да учествува во подготовката на надворешната политика е целосно „надвор од игра“ (не функционираат ниту Колегиумот на Министерот или стручниот колегиум ниту другите механизми за размена на информации во рамките на Министерството) – тоа се врши или во затворени кругови околу министерот или дури и целосно надвор од Министерството. Следствено, вработените во Министерството служат практично исклучиво како протоколарна служба и патничка агенција!!! Затворено или дури и отворено се искажува недоверба во постарите професионални кадри и тоа се користи за нивно изземање од стручниот опус на прашања. Сепак, кога се подготвува, на пример, билатерална посета, токму професионалните кадри ги вршат стручните подготовки, за да материјалите не бидат земени предвид – и служат само за покажување пред странскиот соговорник или соговорници. Во секој случај, изготвувачите на тие материјали – без практично ниту еден исклучок – не учествуваат во делегацијата што ја реализира посетата!

2. ИЗВИТОПЕРЕНА ФУНКЦИЈА НА ДИПЛОМАТСКО КОНЗУЛАРНИТЕ ПРЕТСТАВНИШТВА

Наместо мала, функционална и ефикасна мрежа од дипломатско- конзуларни претставништва (ДКП) со доминантен состав на професионалните кадри, актуелната состојба е токму спротивното. Гломазна, раширена и финансиски неодржлива мрежа од над 50-тина ДКП-а со партиски амбасадори, често неподржани од ниту еден професионалец и без елементарно знаење како да им помогнат на нашите државјани во неволја. Клучни функции им се наводно контакти со дијаспората (всушност градење партиски структури во тие земји) и економска промоција. За второво се испраќаат уште и таканаречени „економски (па и полициски и здравствени) промотори“ кои се целосно надвор од системот на дипломатска служба, а најпротивправно добиваат дипломатски пасоши и дипломатски звања. Притоа, често тие дипломатски звања се повисоки од оние на професионалците, па се доведуваат домашните органи во заблуда и чести забуни. Најодзади, но не помалку важно, се користат локални државјани за помошните работи (наместо да се испраќаат обучени и оспособени кадри од Македонија) и тоа во најголемиот број случаи со работни договори „на црно“ (а што земјите на приемот го знаат и крајно неволно го толерираат, но, во некои случаи отворено го префрлаат). На сиве овие начини се доаѓа до ситуација кога вкупниот состав на ДКП-а е во огромна полза на страна на непрофесионални кадри на сите нивоа. Само како нуз-појава: непочитување на основните постулати на дипломатијата: Мисијата при ОН во Њујорк се бави со инвестиции!

3. КАТАСТРОФАЛНА КАДРОВСКА ПОЛИТИКА НА АМБАСАДОРСКО НИВО

Покрај 60% политички амбасадори кои се, наводно, „нужно зло“, од групата десетина наши политички подобни „професионални“ колеги веќе има случаи кои тераат три мандати едноподруго, а што е целосно противправно. Има и случаи на продолжување истечен мандат со ново именување објавено во Службен весник на РМ. Доколку се нема соодветен партиски кадар – се оставаат амбасади како што се Берлин, Париз или Отава без амбасадор, па, поради протокот на време – дури и без ниту еден вработен (или неформален начин за протестно прекинување на дипломатски односи)!!! Некои амбасадори се оставаат фактички и без ниту еден човек, додека други, веројатно поради нивните „заслуги“ – се опкружени со, на пример, конзуларна секретарка, возач, техничка секретарка, „безбедњак“ и што уште не.
4. КАТАСТРОФАЛНА КАДРОВСКА ПОЛИТИКА ВО ЦЕНТРАЛАТА ВО СКОПЈЕ
Постојан прием на нови вработени на сметка на постојано намалување на дипломатите во ДКП-та. Притоа, се спроведуваат ЛАЖНИ ПРОЦЕДУРИ. Имено, од една страна се декларира некаква „транспарентност“ при носење одлуки, тестирања, разговори, мотивациони писма, та дури и план за работа?!? Од друга страна – се носат чисто партиски одлуки за избор. Доколку се нема „партиски соодветен“ кандидат – се поништуваат конкурсите (без никакво образложение)! Или, дури и донесените одлуки за упатување се оставаат да „висат“ и над година дена за да потоа се отвори сосема нов конкурс и се определи сосема друг кандидат – без какво и да е отповикување на претходната процедура!

5. АНТИДЕМОКРАТИЈА ВО МЕЃУЧОВЕЧКИТЕ ОДНОСИ

Кога се носат внатрешни документи (правилници) тие само се објавуваат на интерната страна. Нема внатрешна дискусија, работна група, дискусија на колегиум. Доколку се прифати надворешна помош во оваа сфера (било да се работи за странска донација било да се работи за ангажирана агенција), резултатите завршуваат „во фиока“ или се објавуваат, но не се ставаат во примена. Често, но очигледно најсвесно, професионалните кадри што развиле експертиза за едни области се распоредуваат во области каде што не можат да го дадат својот максимум. Притоа, нема елементарно почитување на системот на кариера – цели категории вработени не се унапредуваат иако ги исполниле и надминале законските и подзаконските услови, додека се форсираат почетници кои не исполнуваат барем еден, а често и повеќе услови. Овие кадри добиваат и награди, вклучувајќи и парични награди по непознати критериуми и во непозната процедура. Дури, имаше случај кога таквите награди воопшто не беа објавени?!! Меѓутоа, бргу – бргу и тие кадри, инаку од партиска доверба, стануваат „застарена“ категорија: доаѓаат нови партиски кадри што се назначуваат најпротивправно на високи, раководни или и највисоки раководни функции (вклучувајќи ја и позицијата државен секретар) – „прескокнувајќи“ ги своите сопартијци. Можеби заради тоа што почетничките плати се недолично и неодговорно ниски?

ДА ЖИВЕЕ ПРВИ МАЈ – ДЕНОТ НА РАБОТНИЦИТЕ!