СИЛВИО : ПОРАДИ РЕАКЦИИТЕ ВО ОДРЕДЕНИ МЕДИУМИ И ПРЕЗЕНТИРАНАТА ИСКРИВЕНА СЛИКА ЗА НАСТАНОТ ВО КРАКОВ И МОЈА ВМЕШАНОСТ ЧУВСТВУВАМ ПОТРЕБА И ОДГОВОРНОСТ КРАТКО ДА ЈА ОБЈАСНАМ НАСТАНАТАТА СИТУАЦИЈА

0
744

За време на паузата за полувреме на кратко ја напуштив салата. Кога се вратив на местото каде претходно седев со моите другари, приметив дека нив ги нема. Поради тоа се обратив до луѓето кои седеа пред мене и ги прашав каде се моите другари, а тие ми кажаа дека неколку минути претходно имало некаква расправија и туркање и дека моите другари се оддалечиле.

Во тој момент еден човек, кој седеше во редот пред мене, се сврте накај мене и почна без никаква причина вербално да ме напаѓа мене и моите другари, зборувајќи секакви глупости и гадости.

Јас му возвратив вербално за да го замолчам, тој се повлече а жената што седеше до него без никаква причина скокна кон мене со намера да ме изгреба по лицето. Јас успеав да се оддалечам и да се спасам од гребаници по лицето, но таа ме фати за ракавите од мојот дукс и силно ме влечеше.

Кога повторно се ослободив од нејзините канџи, таа ме грабна за врвката од дуксот и повторно ме влечеше притоа изговарајќи секакви погрдни зборови, за на крајот тотално да ја извлече и искине врвката. На една од објавените слики, каде таа ми се заканува со стисната тупаница, јасно се гледа дека во стиснатата рака ја држи искинатата врвка.

Јас и сите околу мене присутни бевме во шок од однесувањето на агресивната жена и не знаевме како да реагираме.Најодговорно тврдам, дека не ја ни допрев жената а камоли пак удрив, туку цело време таа ме напаѓаше, а јас се бранев и се обидував да се оттргнам од неа, за на крајот и западнам наназад на трибината, тоа е исто така видливо на една од сликите.

Подоцна разбрав дека мажот и жената биле татко и мајка на сопругата на ракометарот Талески и дека имале претходно расправии и нападнале вербално и физички и други навивачи.

За горенаведеното можат да потврдат сите присутни, кои од непосредна близина беа сведоци на немилиот настан.

Покрај обвинувањата дека сум ја нападнал жената, уште повеќе ме навредија пишувањата и обвинувањата, дека сум бил испратен да ја растурам Фалангата. Сите што ме познаваат знаат, дека јас цел живот сум страствен навивач на Македонија во сите спортови и дека досега сум бил присутен на скоро сите меѓународни првенства и сум ја бодрел македонската репрезентација, без разлика за кој спорт се работело.

Исто така е познато дека никогаш не сум ја мешал политиката во спортот и тоа така било и така ќе остане. И покрај сите обвинувања нема да престанам да ја бодрам Македонија од трибините и бидам присутен на натпреварите во иднина.

Би благодарам на вниманието, Силвио.