Се чувствувам како Македонка, а родителите на маж ми ме викаат Емче

0
1900

Вака вели македонската снаа Ем Вандера која слетала во Скопје од далечната Кенија. Со сопругот Михајло Блажески се запознала преку Интернет, а кога првпат се виделе во живо, знаеле дека нивната приказна ќе биде бескрајна. И додека ширум светот сѐ повеќе се шират антирасистичките протести, Ем живее во љубов со своето бело семејство и едвај го чека денот кога тие конечно ќе се спојат со нејзините родители. Според неа, никој не се раѓа како расист, за тоа е виновен начинот на кој некои родители ги воспитуваат своите деца.

Симпатичната македонска снаа Ем (Вандера) Блажеска живее во Скопје неполни две години, а доаѓа од далечната Кенија. Вели дека брзо се прилагодила кон животот во Македонија, па дури и веќе се чувстува како Македонка.

Се дружи со сопругот и пријателите, сака да излегува често и да шета во природа, а особено ги сака Маврово, Матка и Охрид.

Бидејќи деновиве се актуелни антирасистичките протести ширум светот поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во бруталната полициска интервенција на 25 мај, ја прашавме нашата релативно нова сограѓанка дали таа досега се соочила со расизам во својата нова животна средина.

„За жал, расизмот го има во цел свет. Мислам дека никој не се раѓа како расист, туку станува таков поради начинот на кои некои родители ги воспитуваат своите деца, односно поради недостаток на грижа од нивна страна и домашно воспитување. Интересно е што луѓе од различни раси ги отворија очите и се здружија во борбата против оваа болест, наречена расизам која во моментот е најраспространета во САД. Сакам да потенцирам дека повеќето Македонци се слободоумни, па не сум имала многу такви расистички средби, иако се случило неколку пати деца да ми се обратат со „Здраво црнчуго!“ Мислам дека повеќето од луѓето со вакво однесување, никогаш немале можност да ја напуштат државата и да бидат во контакт со луѓе од различни раси. Но, најчесто луѓето само гледаат во мене, а честопати и сакаат да се сликаат со мене. Имам разбирање за тоа бидејќи сум свесна дека во Македонија луѓето како мене се сѐ уште реткост. Морам да признаам дека 90% од Македонците се пријателски настроени, фини и добри во секој поглед. Имам многу пријатели, од деца до возрасни луѓе, и секогаш кога сме заедно сакаат да научат нешто ново за мојата култура и мислам дека тоа е супер. Имаше ситуации кога многу Македонци ме бранеа на социјалните мрежи кога некој ќе ставеше расистички коментари, што покажува дека има доста луѓе кои исто така не го прифаќаат расизмот. Во секој случај сум доживеала повеќе позитивни искуства кои вредат да се паметат, отколку негативни искуства“, вели Ем.

А нејзиниот пат од далечната Кенија до Македонија и потоа, мажачката за скопјанецот Михајло Блажески, почнува на интернет.

„Во 2016. година го запознав мојот згоден, интелигентен, паметен и грижлив сопруг. Всушност, се запознавме на многу интересен начин, онлајн, поточно преку инстаграм. Сѐ започна со мал комплимент, кој потоа водеше кон деноноќни разговори. Во периодот кога почнавме да комуницираме, работев во Тајланд како учителка во средно училиште, а Мики беше во Скопје. Во еден момент дури и престанавме да комуницираме, речиси четири месеци затоа што се плашевме дека почнуваме да се вљубуваме еден во друг, а далечината беше преголема, па не знаевме како тоа  би можело да функционира. Сепак, после четири месеци повторно почнавме да комуницираме и од тој ден не престанавме да се допишуваме сѐ додека Мики не дојде за првпат во Тајланд, во декември 2017. и тогаш започна нашата приказна без крај“, ја почнува својата љубовна и животна приказна сега веќе – скопјанката Ем.

Нивната приказна трае речиси четири години, а знаеле дека се еден за друг уште првиот ден кога се здогледале на аеродромот Суварнабуми, кога Мики пристигнал во Тајланд.

„Тој беше истиот човек кој го замислував додека комунициравме по телефон претходните месеци. Никогаш претходно се немав почувствувано толку сигурна и сакана, а за среќа, чувството беше двострано. Се сеќавам дека плачев на аеродромот кога тој мораше да се врати во Скопје, откако заврши неговата двонеделна посета. Оттогаш знаевме дека сакаме да бидеме заедно и никогаш повторно да не бидеме разделени. За првпат додјов во Македонија во 2018. Година, за време на летниот распуст во Тајланд. Тоа беше мојот прв престој во Македонија и за време на истиот Мики ме побара за жена. Тоа беше еден од најубавите денови во мојот живот, ме запроси ден пред да заминам за Тајланд. Одлучивме да се преселам во Македонија откако ќе заврши учебната година во училиштата во Тајланд. Како учителка сакав да бидам со учениците и за време на последното полугодие, до октомври. Во меѓувреме, Мики дојде уште еднаш во Тајланд, со уште двајца пријатели, заедно уживавме во убавините на Тајланд, прекрасните плажи и многуте знаменитости кои таа земја ги нуди. Во ноември 2018. година се преселив во Македонија, а во јануари 2019.,.склучивме брак.

Многу бев исплашена кога требаше да се запознам со неговите родители. Цело време размислував за тоа како ќе реагираат, како ќе ме пречекаат и дали ќе ја прифатат нашата врска. Беше нелагодно и возбудливо искуство. Родителите на Мики беа многу возбудени што ќе ме запознаат од моментот кога им кажавме за нашата врска. Двајцата ја сакаат африканската култура и едвај чекаа да поминеме повеќе време заедно. Се вљубија во мене уште од моментот кога се запознавме. Мојата свекрва и мојот свекор се најдоброто нешто што ми се случило во животот. Ме сакаат, се грижат и се однесуваат со мене како да сум нивна ќерка. Нивната љубов ме исполнува, се чувствувам благословена што ги имам во мојот живот. Ме нарекуваат Емче. Од друга страна, моите родители живеат во Кенија и многу сакаа да се запознаат со Мики уште од самиот момент кога им кажав за нашата врска. Мајка ми отсекогаш ми велеше дека би го прифатила човекот во кој ќе се вљубам сѐ додека тој ме сака и се грижи за мене. И тие беа многу возбудени кога требаше да се запознаат за првпат со мое момче. Накратко, според нашите родители, нашата среќа е најбитна. Сите ја прифатија нашата врска и секој ден беа позаинтересирани да научат нешто ново за двете култури. Нашите родители често разговараат и на телефон, но едвај чекам да се запознаат, да играме, да јадеме и да се смееме сите заедно, како едно големо семејство. Родителите на Мики исто така многу сакаат да ја посетат Кенија, како и моите Македонија и се надевам дека тоа ќе се случи наскоро“, вели нашата соговорничка.

Бракот го склопиле во просториите на матичното во Скопје. После церемонијата имале прослава во ресторан, заедно со сите роднини и пријатели но за жал, не присуствувал никој од нејзиното семејство.

„Беше многу убав ден, иако моите за жал не можеа да пристигнат, затоа што беше за кратко време организирано, а знаете процесот околу добивање на виза е малку комплициран и трае долго. Како и да е, планираме да имаме свадба, со црковна церемонија и со сите мои и негови роднини и едвај чекам да дојде тој ден.

Моето планираат да не посетат набрзо и да се запознаат со моето македонско семејство, се надевам наскоро, откако ќе заврши корона пандемијата.

Во моментов, ситуацијата со короната во Кенија е доста загрижувачка. Бројот на заболени е во пораст, но добрите вести се дека многу се опоравуваат и многу мал е бројот на починати. Загрижена сум за моите родители затоа што двајцата се медицински лица, а знаеме дека докторите и сестрите се најизложени. Се надевам дека сите ќе бидеме добро. Секојдневно разговарам со моите, понекогаш и се гледаме на видео. Така се чувствувам поблиску до нив иако сме доста далеку едни од други.  Ми недостигаат секојдневно, но моето македонското семејството ми прави да се чувствувам како да се тие тука, бидеќи добивам бескрајна љубов од нивна страна. Ги сакам многу, исто како моите вистински родители и сум среќна што ги имам во мојот живот.

Родителите на Мики исто планираат да ја посетат Кенија и да се запознаат со моето семејство, а јас и Мики веќе бевме заедно во Кенија, во јули минатата година. Таму направивме традиционална свадба и веселба за добредојде за Мики. Беше голема веселба со околу 700 гости. Мислам дека беше еден од најубавите денови во мојот живот.

Беше прекрасно, тој играше на нашите традиционалните песни и се запозна со сите мои роднини и пријатели. Исто така, бевме на сафари патување, Мики е голем љубител на животни и уживаше во секој миг. Кенија е позната како една од најдобрите дестинации за сафари туризам, некои од најдобрите национални паркови се наоѓаат таму, како Масаи Мара на пример, која е  дом на многу импресивни животни. Мислам дека Кенија е едно од местата кои мора да се посетат, доколку сакате да патувате, и кога еднаш ќе ја посетите, ќе мечтаете да одите пак“, раскажува Ем.

Во Скопје оваа млада брачна двојка ужива во заедничкиот живот. Мики е графички дизајнер во една компанија, а од скоро и Ем почнала да работи како учителка на замена во меѓународното училиште Нова. Се надева дека и после корона пандемијата ќе продолжи да работи таму.

Единствен проблем овде на Ем ѝ била јазичната бариера со свекорот и свекрвата, како и со други повозрасни лица кои слабо го зборуваат англискиот јазик. Затоа три месеци имала приватни часови по македонски јазик.

„Македонскиот јазик не е лесен, малку е покомплициран отколку што очекував, но среќна сум затоа што мојата учителка Вера Стојановска која ми е и многу добра пријателка и би ја препорачала на сите кои сакаат да го научат македонскиот јазик, беше многу трпелива со мене. Сега знам многу и можам да комуницирам на македонски. Се обидувам секојдневно да вежбам со свекрвата и свекорот, Блага и Методија. Двајцата не зборуваат добро англиски јазик, што е вообичаено со постарите луѓе во Македонија. На почетокот имавме проблеми со комуникацијата, јас зборував на англиски, тие на македонски јазик, понекогаш не знам како успевавме да се разбереме, понекогаш не успевавме. Мило ми е што сега можам да комуницирам полесно со нив. Понекогаш сопругот им преведува ним или на други луѓе доколку не успеам да објаснам нешто.

Мило ми е што помладите знаат англиски.

Освен јазикот, друг проблем ми е да најдам соодветни производи за мојата коса, текстурата на косата ми е поинаква отколку таа на белите луѓе, и производите кои ги наоѓам тука обично не ми одговараат. Затоа сум принудена тие производи да ги купувам онлајн. Мило ми е што има неколку луѓе кои знаат да ја стилизираат мојата коса. Лично за мојата коса се грижи мојата талентирана пријателка Милена Милошевска. Таа прави многу убави плетенки, суканици и други стилови на коса, ја препорачувам на сите.

Што се однесува до заедничкиот живот, Мики понекогаш ми помага за домашните обврски. На пример тој готви појадок или ручек, особено кога сака да ме импресионира. Всушност, тој многу добро готви, особено сакам кога прави бургери, мислам дека ги прави најдобрите бургери во цело Скопје. Исто така уживаме кога одиме во шопинг или во некој од големите маркети, и често тоа го правиме заедно.

Со оглед на тоа дека живееме многу блиску до родителите на Мики, свекрва ми готви често за сите, па јадеме заедно како семејство. Таа е една од најдобрите готвачки и готви македонски јадења кои се добри како во хотел со 5 ѕвезди, верувајте. Свекор ми пак, најчесто прави десерти и ужива во тоа. Моето омилено јадење е гравче тавче. Ги сакам петоците затоа што луѓето тогаш најчесто готват гравче тавче. Меѓутоа сите знаеме дека не треба да јадеш многу од гравчето бидеќи потоа ќе го загадуваш воздухот цел ден. Мики многу ги сака мексиканските тортиљи кои ги правам, тие му се омилени. Иако морам да признаам дека има многу вкусни и здрави оброци во македонската кујна. Свекрва ми ме учи да готвам различни оброци и засега супер ми оди“, се смее Ем.

Омилени места во Македонија ѝ се Маврово, Матка и Охрид.

„Матка ме смирува, особено ако сакам да се оддалечам и да си најдам мир, многу сакам да кајакарам помеѓу карпите и шумата, а и водата е многу убава. Го сакам и Охрид, кој е богат со македонска култура, продавници, храна, цркви и плажи. Го сакам скопскиот ноќен живот, убавите барови и клубови, како и многу други места кои може да се посетат. Омилено место за излегување ми е ‘Амигос’, кадешто имаат добра храна, услуга и музика и мислам дека најдобрите коктели се таму. Да не заборавам, го сакам и ‘Каса Кубана’, коктел бар и ресторан со одлични латино забави. Сакам со пријателите да излегувам и во летни ноќни клубови. Водно е исто така многу убаво место ако сакате да вежбате како мене. Понекогаш се возиме со велосипеди до Водно, каде се одмараме и уживаме.

Имаме многу планови за иднината. Секако планираме да основаме семејство,  да имаме деца за скоро време, возбудени сме дека ќе бидат од измешани раси, бидејќи тие деца се многу убави и уникатни. А и нашите родители прашуваат кога ќе имаат внуци“, се смее таа.

Иако планираат во иднина многу нови патувања, не мислат да ја менуваат адресата на живеење.

„Ќе останеме во Македонија, двајцата работиме тука и нашиот дом е тука. Нема подобро место од дома, а јас тука се чувствувам така“, вели Ем Блажеска.

Извор : МајкаИДете